Конкурс за авторски трудови посветени на света Лидија Македонка

По повод одбележувањето на петгодишнината од осветувањето на храмот „Св. Лидија Македонка“ во Свети Николе, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во соработка со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Брегалничката епархија, објави конкурс за авторски трудови посветени на животот, делото и духовното значење на света Лидија Македонка – првата христијанка во Европа и духовен симбол на македонското христијанско наследство. Избраните трудови ќе бидат дел од Зборникот што Комисијата го подготвува по повод одбележувањето на овој значајниот јубилеј.

Право на учество имаат сите заинтересирани авторки, истражувачки, професорки, теолози, научни и културни работнички, публицистки и други лица кои ќе придонесат кон содржината на Зборникот. Трудовите може да бидат од областа на животот и улогата на жените во религијата, духовноста, творештвото, христијанската култура и традиција.

Авторските трудови треба да бидат напишани на македонски јазик, а да не бидат подолги од 7 страници А4 формат, со единечен проред, и големина на букви 12. Се испраќаат на е-пошта: [email protected]. Рокот за доставување на авторските трудови е 1 септември 2026 година. Во пораката задолжително треба да бидат наведени името и презимето на авторката, како и податоци за контакт. 

Извор: https://www.kovz.gov.mk/ns-newsarticle-konkurs-za-avtorski-trudovi-posveteni-na-prvata-hristijanka-vo-evropa-sveta-lidija-makedonka.nspx