Света Стефанида Битолско-скадарска

Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на својата редовна седница во работен состав, одржана на 11 април 2024 година, по предлог на Синодската комисијата за канонизирање на светии, донесе одлука да ја вброи во диптихот на светителите и исповедниците преподобно-маченичката Стефанида Битолска.

Во продолжение го пренесуваме краткото житие на оваа преподобномаченица, од изданието „Јас освен Христа ништо немам – Света преподобномаченичка Стефанида Битолско Скадарска“ подготвено од Сестринството на Манастирот Св. Јован Претеча, Слепче, Демирхисарско, кое исто така ја изработи и иконата на оваа Божја угодничка.

Кратко житие на светата преподобномаченичка Стефанида Битолско-скадарска

За оваа Христова богокопнежлива душа, Стефанида, се искажани зборовите Христови: „… но, има и такви што се скопени само заради царството небесно. Кој може да прими, нека прими“ (Мат.19,12), бидејќи од младоста постана сад избран на Бога, и непоколебливо поита да одговори на Неговата љубов и промисла.

Стевка се роди во 1887 година во селото Врака кај Скадар, од татко Андрија, имотен и угледен, и мајка Јована, скромна и набожна. Малата Стевка без двоумење одговори на повикот на својот Женик Христос уште од својата седма година, кога таа „престана да излегува меѓу децата, да ја чува стоката, престана да зборува и постојано се повлекуваше во куќата, во тишина, таму каде што има помалку луѓе и средби“. Тоа што во неа се случи, беше привлекување на благодатта Божја, кое ја повика во потрага по тишина и оддалечување од сѐ надворешно, со стремеж да се слушнат и видат скриените длабочини на душата кои водат во познание на Бога. Нејзиното однесување предизвика загриженост и страв кај родителите и тие ја однесоа во Манастирот на Светиот Василиј Острошки – Острог, како и во Манастирот на Свети Симеон Дајбабски, барајќи помош во светителските молитви за своето дете, отворајќи ѝ со тоа пат на Стевка, потоа најмалку двапати годишно, таа да ги посетува тие места, пројавувајќи желба постојано да пребива покрај кивотот на Светиот Василиј, вознесувајќи тивки молитвени разговори. На едно такво патување за манастирот Острог по Скадарското езеро со брод, започна страшна бура која го зафати бротчето. Ноќта почна да се спушта и настана плач и паника во народот на бродот и сите почнаа да се плашат од опасноста секој миг да бидат проголтани од езерските бранови. Единствено Стевка остана мирна и собрана. Се обрати кон народот на бродот велејќи: „Не плашете се луѓе, ако е со нас Бог, а Бог со нас е, ништо не може да ни се случи!“ И, како некогаш на Галилејското езеро, кога Христос се појави и ја смири бурата, така и сега бурата стивна, бидејќи Христос беше Жив во верата на оваа слаба девојка.

Родителите нејзини како добри христијани, исполнувајќи ја заповедта Господова: „Оставете ги децата и не бранете им да доаѓаат кај Мене, зашто на такви е царството небесно.“ (Мат.19,14) и ѝ изградија мала куќичка надвор од селото, во близина на храмот на Пресвета Троица. Во неа, Стевка уште повеќе го разгори својот подвиг во пост и молитва, во тишина и Богомислие. Стевка никогаш не посетуваше училиште, на околу дваесет и пет години во 1912 година, сама научи да пишува. Деновите ги минуваше во ракоделие, украсена со скромност и тивкост, правеше рачни изработки, везеше и плетеше. Но, подоцна и тоа го остави и се предаде само на читање. Го научи и црковнословенскиот јазик, и тоа беше сѐ од нејзиното школување. Кога ја прашуваа зошто така прави, различно од сиот свет, таа одговараше: „Јас поинаку не можам!“.

Во 1933 година, 250 српски семејства заедно со епископот Скадарски Виктор беа принудени да го напуштат Скадар, меѓу кои и Стевка заедно со нејзините.  Се населија во Метохија во Дреновец кај Манастирот Дечани. Таму таа го продолжи својот подвиг повторно во одвоена куќичка. Спиеше на штици со едно ќебе. Спиеше многу малку: никогаш не можеа да ја затекнат во креветот. Стевка го посетуваше често Мaнастирот Дечани, стоеше покрај столбот во правец на кивотот на Свети Стефан Дечански, таму се причестуваше со Телото и Крвта Христови, најмалку еднаш неделно, а често и повеќе пати. За нејзе, најголема несреќа беше ако не се причести, тоа постана сета вредност на нејзиниот живот. Бидејќи не сакаше да зборува, своите исповеди пред Светата Тајна Причест ги пишуваше и предаваше на епископот Скадарски Виктор, нејзиниот духовник уште од Скадар и Врака.

За сведоштво дека таа Христа Го имаше Жив во своето срце, Господ ни ги остави нејзините „Исповедни писма“ испратени до духовникот. Во писмата ни се открива дека таа со духот се доближува до преподобните отци и мајки уште од првите векови и ни потврдува дека Духот е „Ист, вчера и денес и во веки“ (Евр. 13,8). Преку „Писмата“ ја запознаваме нејзината духовна длабочина и сознание, но и даровите од Бога и опитот од нејзиниот личен подвиг. Преку „Писмата“ добиваме силна поука од онаа која го возљуби молчењето и тишината заради општењето со Бога. Запаметени се нејзините зборови: „Па нека се случува сѐ и сешто на овој свет, нека се врти и превртува, мене од Христа никој нема да ме раздели! Бидејќи се смилува и милоста Своја ми ја дарува, и целата беда на враговите ми ја покажа, а и слобода ми дарува, кога лукавите ќе дојдат јас секогаш од себе празни да ги враќам“.[1] „…Затоа Господи ми е целосно потребна мојата желба – да незнам и да не гледам ништо од овој свет, бидејќи немам во себеси никаков мир од овој свет. Бидејќи ова, Господи мој, ова ми е целиот свет и живот, да Ти зборувам и да Те примам…“.[2]

Во Манастирот Дечани таа се запозна и со Светиот владика Николај Жички, кој ја повика во Манастирот Жича, ако сака таму да остане. Во Жича престојуваше три дена. Живееше во Дреновец, додека не му кажа на својот брат Стефан дека има желба да оди во манастир. А потоа, во 1940 година, одлучи да замине во Македонија и тоа на предлог на Надежда Аџиќ, раководителката на Домот за деца „Богдај“, односно, на нејзините упорни молби, Стевка замина за Битола.

Подвигот свој, на постојано богомислие и молитва, го продолжи и во „Богдај“, живееше малку одвоено, во засебна куќичка во дворот. Сестрите кои живееја таму за неа препознаа дека е голема испосничка, јадеше само леб и чај, никогаш не вкусуваше вариво, се причестуваше секоја недела, со никого не зборуваше, го љубеше молчењето. Кога ја прашуваа сестрите:„Зошто ти за ништо не разговараш, сестро Стевка?“ таа малку се замислуваше и одговараше: „Немам за што“. Целиот нејзин живот беше за присутните како сенка, тивок, незабележан, како да постои и како да не постои и не се гледа, и уште подобро, никој не го препознава, како што кажа Свети Симеон Студит за подвижникот: „Како да постои со телото, а не постои со духот, и никој да не го гледа освен оние кои се со чисто срце во Духот Свети, а да биде непознат бидејќи ништо со никој нема.“

Со влегувањето на бугарската војска во Битола 1941 година, Надежда Аџиќ се врати во Србија, а Стевка остана во Богдај. Стевка беше замонашена од стариот архимандрит Григориј, а сестрите од Манастирот Врачевшница: монахиња Стефанија, монахиња Аполинарија и монахиња Ефимија, кои претходно беа со Света Стефанида во Битола, сведочат дека: „Сестра Стевка не сакаше да облече монашко одејание и само велеше ‘Не сум достојна’“. Но кога отец Григориј ѝ кажа дека тоа е добро за прошка на гревовите, таа рекла само: „Добро“ и послуша, примајќи монашки образ, иако целиот нејзин живот беше: „…ангелски живот…, …непрестајно присилување на природата и неуморно бдеење над своите сетила. …посветено тело, очистена уста и просветлен ум. …преболна душа, постојано зафатена со сеќавањето на смртта, било да бдее било да спие“, и прими ново име Стефанида и свој небесен прокровител во ликот на Светиот крал Стефан Дечански.

За неа, како сведок на Првата светска војна, Балканските војни, прогонот од Скадар и Врака, Втората светска војна, како и сите световни случувања и настани не постоеја, ниту пак некаде беа забележани од неа. За тоа ни сведочи и самиот нејзин крај, бидејќи „не ја испочитува дадената наредба за затемнување на градот Битола“. За какви световни наредби и уредби би можел да знае оној кој е целосно потопен во потрага по присуството Божјо? По издавањето на наредбата за потполно замрачување на градот, во ќелијата на Светата Стефанида вообичаено гореше кандило кое Светата никогаш не го гаснеше, и пред кое што се молеше, но со тоа, таа ја прекрши наредбата. И на Велики Петок, кога преподобната принесуваше молитвени воздишки и се сеќаваше на Христовите страдања и на Крсната смрт на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, окупаторски војници влегоа во нејзината ќелија „ја искршија сијалицата, го истурија кандилото и крвнички ја претепаа“. Ја тепаа толку многу, што плафонот и ѕидот беа целосно во крв, после тоа ѝ се отворија рани, а очите не ѝ се гледаа од отоци. Целата отечена и облиена во крв се довлечка кај сестрите, и кога ја прашаа што се случи, таа одговори: „Ме посети ѓаволот“. 

Во нејзиниот одговор одекнува голема, одамна заборавена, евангелска поука, дека човекот нема друг непријател освен демонот и самиот себе, односно, неговите страсти. Во тоа сознание светата живееше, неприфаќајќи ни мисла, ни помисла против човек. И удостојувајќи се да претрпи страдање во тој велик и страшен Петок, Го подражаваше Господа на Крстот: „Оче, прости им, оти не знаат што прават.“ (Лк. 23,34)

Светата Стефанида ја предаде својата душа на Господа, на Велики Петок, на 1/14 април во 1944 година. На Велика Сабота ја погребаа во Крстоарскиот Манастир Свети Христифор, над селото Крстоар, над Битола. За да биде во неделата на Воскресение со Господа, влегувајќи во радоста Негова, по Кого сиот живот воздивнуваше: „Христе мој животе!“ „Без Тебе ништо живо, не може живо да биде!“ и „Смрт со Тебе нема, туку небесна светлина и вечно веселие…“.

Во летото 1998 година во Крстоарски Манастир, на место до храмот на Светиот Христифор, од каде што повеќе пати се ширеше благоухание, сестринството чудесно ги пронајде нејзините свети мошти. Во октомври 2019 година, со благослов на  Високопреосветениот Митрополит преспанско-пелагониски г. Петар, моштите на Светата преподобномаченичка Стефанида беа пренесени во Слепченскиот женски Манастир посветен на Свети Јован Претеча, каде што свечено беа положени во кивот и до денес изливаат телесни и душевни исцеленија на сите оние кои со вера ѝ пристапуваат.

По нејзините свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нѐ и спаси! Амин!


[1] Од првото писмо

[2] Од деветтото писмо