Културно-уметничка програма по повод празнувањето на Светите Кирил и Методиј, во Велес

Во предвечерјето на денот во кој ги чествуваме и во кој се поклонуваме на светите сесловенски и македонски просветители, рамноапостолните браќа Кирил и Методиј, во црквата посветена на овие наши духовни горостаси во Велес, се случи величествена прослава во чест на нивното ненадминливо дело.

Најнапред, се отслужи празнична вечерна богослужба, на која присуствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, а по нејзиното завршување, во дворот на црквата беше организирана свечена културно-уметничка програма.

Кон многубројните присутни, се обрати Секретарот на Епархијата, протоѓаконот Влатко Стоименов, со прекрасно слово за житието и безвременското дело на светите македонски великани.

Во продолжение на свечената програма проследивме три велелепни уметнички перформанси, и тоа: извонреден рецитал на младинското драмско – поетско студио “Премиера” од Велес, потоа маестралниот настап на џез составот “Петар Марков Квинтет” со инструментална изведба на неколку македонски народни композиции и за крај, настапот на младите момци и девојки од ДМУБЦ “Илија Николовски Луј”, насока за традиционална музика и игра, кои со својата изведба покажаа зошто нашиот фолклор е еден од најдобрите во светот.

Извор: https://www.facebook.com/povardarskaeparhija/posts/pfbid08tJEBYqSsDFuCyT3Tym1iCRj2Wm5uUm5fv3ZfmPVPMfMsxYXf7ePhAxQTcrZ1xK5l