Литургиска прослава на десетгодишнината од осветувањето на храмот „Св. Параскева – Петка“ во Кавадарци

На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на светата Преподобна Параскева – Петка, во црквата во Кавадарци, посветена на оваа силно прославена и воспевана светителка меѓу нашиот македонски народ, се отслужи Света Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

На Архиепископот на Литургијата му сослужуваа надлежниот Митрополит на Повардарската епархија г. Агатангел, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј,  Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, Архимандритот Агатон, како и бројно свештенство на Повардарската епархија.

На овој празничен ден, радоста беше зголемена и со одбележувањето на еден значаен јубилеј во црковното битисување на градот Кавадарци, Повардарската епархија, како и на Македонската православна црква воопшто, а тоа е 10 годишнината од светиот чин на осветување на овој велелепен храм, за кој Митрополитот Агатангел од своето запоседнување на Повардарскиот трон имаше замисла и голема желба за негова изградба во градот Кавадарци.

Овој величествен дом Божји, се изгради со голем елан и со голема поддршка од жителите на овој град, за релативно краток рок од 5 години. Камен темелникот беше положен и осветен на 08.08.2010 година, а осветувањето на овој храм се изврши на 18.10.2015 година.

Оваа црква, која го украси градот Кавадарци, во овие десет години стана вистинско духовно прибежиште на кавадарчани, дом Божји во кој многумина наоѓаат утеха, надеж и благослов, место во кое секојдневно ги принесуваат своите молитви кон Господ Бог и целата Небесна ерархија, место во кое се случија многу убави и радосни настани како крштевки и венчавки, духовни академии, и место во кое со векови ќе се слуша велелепното созвучје на црковните камбани, кои ќе ги повикуваат жителите на овој град на богослужбите кои се принесуваат за нивен духовен напредок и благосостојба на градот Кавадарци.

На денешната Литургија присуствуваа голем број верници, меѓу кои присутни беа и Градоначалникот на Општина Кавадарци, г-дин Митко Јанчев, кој беше и Претседател на иницијативниот одбор за изградба на овој храм, Министерот за Внатрешни работи на Р. Македонија, г-дин Панче Тошковски, Градоначалникот на Општина Велес, г-дин Марко Колев, Министерот за култура и туризам на Р. Македонија, г-дин Зоран Љутков, Пратеникот во Македонското Собрание од Кавадарци, г-дин Зоранчо Јованчев, како и многубројни претставници на институциите на овој град.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/14QGqawfqYd/