Литургиско чествување на свети Григориј Палама и осветување на новиот конак во манастирот Рајчица

На 8 март 2026 година, во неделата на свети Григориј Палама, во манастирот „Св. Георгиј“ – Рајчица, беше отслужена света Литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, во сослужение со епископот Партениј, свештенослужители од Дебарско-кичевската епархија и протопрезвитерот Јован Попеску од Романија.

Во својата беседа на Литургијата митрополитот Георгиј говореше за значењето на учењето на свети Григориј Палама за несоздадената божествена светлина, како и за евангелското четиво за исцелението на фатениот.

По завршувањето на Литургијата беше благословен и прекршен празничниот колач.

Централен настан на денот беше осветувањето на новиот манастирски конак, кој се градеше десет години. Конакот е изграден со трудот на монашкото братство и сестринство под раководство на игуменот Партениј, со поддршка од повеќе дарители. Главен ктитор на објектот е Елена Пандева, а во изградбата помогнале и други добротвори преку финансиска поддршка, донации и доброволна работа. Темелите на конакот се осветени во 2016 година од блаженоупокоениот митрополит Тимотеј.

Извор: https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/liturgiskoto-chestvuvanje-na-sveti-grigorij-palama-i-osvetuvanjeto-na-noviot-konak-vo-rajchica/#foogallery-138714/p:2