Македонска делегација на меѓународната младинска православна средба во Букурешт

На покана од Неговото Блаженство, Патријархот Романски г.г. Даниел, и со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, четиричлена делегација од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија активно учествува на овогодишната Меѓународна младинска православна средба, која се одржува во Букурешт, Романија, од 31 август до 3 септември, под општата тема: „Младите, семејството и животот во Христа“.

Средбата свечено започна во Националната катедрала во Букурешт со молебен за почетокот на црковната година, по што следеа обраќања на Неговото Блаженство, Патријархот Романски г.г. Даниел, претседателот на Романија г. Никушор Дан, како и на други претставници на државната власт. Во продолжение беа претставени делегациите на младите од речиси сите помесни православни цркви, меѓу кои и делегацијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, составена од: ѓакон Давид Ивановски, м-р Благоја Атанасоски, професор во Македонската православна богословија, м-р Дарио Божиновски од Македонското библиско здружение и Дамјан Петрески, апсолвент при Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Во рамките на првите активности, македонската делегација имаше особена можност да ги посети просториите на Парламентот на Романија и да се запознае со неговиот богат историјат и активности.

Во продолжение на средбата предвидени се конференции посветени на гореспоменатата тема, посети на бројни манастири и значајни знаменитости во околината на Букурешт, како и свечена процесија од Националната катедрала до Патријаршијата.

Младинската средба ќе кулминира со Божествена Литургија во новоосветената Национална катедрала, со што ќе заврши оваа значајна средба на православната младина од различните помесни Православни Цркви.