Македонската Православна Црква го прослави Христовото Воскресение со свечени Литургии низ земјата и дијаспората

Оваа година, празникот над сите празници – Воскресението Христово, беше свечено прославено во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија со богослужби низ сите епархии во земјата и во дијаспората.

Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, служеше Божествена литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар служеше во храмот „Св. Димитриј“, во Битола.

Митрополитот Струмички г. Наум служеше Воскресна Литургија во манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча, додека викарниот Епископ Стобиски г. Јаков ја отслужи Воскресната богослужба со Света Литургија во храмот на Свети вмч. Димитриј  и Свети Григориј Палама во Струмица.

Во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес, Митрополитот Повардарски г. Агатангел ја објави најторжествената и најрадосната вест за Христовото Воскресение, а потоа отслужи Велигденска Воскресна Литургија.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Крушевски и Демирхисарски г. Јован го објави Воскресението Христово и служеше пасхална утрена и Литургија во црквата „Св. Никола“ во Крушево.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, го донесе Благодатниот оган во Брегалничката Епархија и служеше во соборниот храм „Св. Николај“ во Штип.

Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“, во Тетово.

Во соборниот храм „Свети Јован Крстител“ во Кратово, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј го објави светлото Воскресение Христово и служеше Света Златоустова Литургија.

Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко началствуваше на Воскресната велигденска богослужба која започна по полноќ, во храмот „Успение на Пресвета Богородица” во Делчево.

Во упразнетата катедра на Дебарско-кичевската епархија, со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и Администратор Дебарско-кичевски г.г Стефан, епископот Велички г. Никола, отслужи Света Воскресна Литургија на Плаошник во Охрид.

Христос Воскресе!