Фотографии: spc.rs
Во Српската православна богословија „Свети Арсениј“, во Сермски Карловци по повод јубилејот 230 години од основањето на богословијата, се одржа меѓународна научна конференција со наслов „Српската црковна просвета – 230 години Карловачка богословија“.
Конференцијата во име на Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј, ја отвори викарниот Епископ на Српскиот Патријарх, Неговото Преосвештенство г. Иларион Новобрдски кој го прочита поздравното писмо од Патријархот. Свое обраќање имаше и надлежниот архијереј, Високопреосвештениот Митрополит Сремски г. Василиј.
Во својство на претставник на Светиот архијерејски синод на Српската православна црва на Конференцијата присутен беше Високопреосвештениот Митрополит Звоничко-тузлански г. Фотиј.
Потоа се обрати Претседателот на „Матица српска“ проф. д-р Драган Станиќ и Директорот на Домот на руската дијаспора „Александар Солжењицин“ Виктор Москвин како и Претседателот на Општината Сремски Карловци г. Дражен Ѓуриќ.
На конференцијата учествуваа повеќе учесници од неколку помесни православни цркви: Високопреосвештениот Митрополитот на Китрос, Катерини и Платамона г. Георгиј (Хризостому) од Црквата на Грција – професор на Теолошкиот факултет при Аристотеловиот Универзитет во Солун, Високопреосвештениот Архиепископ Вроцлавски и Шчеќински г. Георгиј (Панковски) од Полската православна црква – декан на одделот за православна теологија на Теолошката академија во Варшава, Протојереј Игор Јакимчук – Заменик на претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија и истакнати теолози од Српската православна црква.
Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија учесници беа: Јеромонах Атанасиј Арсоски од Скопска епархија, кој имаше свое излагање на тема „Духовно-образовните врски на македонските архијереи и свештеници со Српската православна црква“, Протоѓакон Драган Ѓоргиевски од Преспанско-пелагониската епархија чија тема беше „Битолската богословија ’Свети Јован Богослов’ 1922-1941 (личности, значење и наставни програми)“, професор д-р Виктор Недески од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје со тема „Дејноста на Христофор Жефаровиќ во Карловачката митрополија“ и м-р Трајче Јанков, професор во Македонската православна богословијата во Скопје чија тема беше „Религијата во светот на медиумите: предизвици и перспективи“.
Во рамките на конференцијата беше отворена изложба „Карловачка богословија – 230 години од основање“.
Конференцијата заврши во недела, на 13 октомври, со заедничка Литургија на учесниците на конференцијата во соборниот храм „Свети Никола“, во Сремски Карловци.