Манастир Свети Наум – Ден на духовна радост и молитва

На 3 јули 2025 година, во манастирот посветен на светиот чудотворец Наум Охридски, беше отслужена света архијерејска Литургија. Со Литургијата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, заедно со свештениците од Дебарско-кичевската епархија.

Во молитвена атмосфера, верниот народ уште еднаш се поклони пред светите мошти на светиот Наум, кој со своето животно дело и поучување оставил неизбришлива трага во историјата на нашиот народ и Црква.

Свети Наум, заедно со своите учители и браќа по дух, светите Кирил и Методиј и свети Климент, ја ширел писменоста, ја укрепувал верата и со несебична љубов им служел на луѓето. Неговата чудотворна сила и денес е жива, а бројните сведоштва за исцеленија и чудеса го потврдуваат неговото застапништво пред Бога.

Секое негово дело и збор биле остварување на Христовата поука: „А кој сака меѓу вас да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака да биде прв, нека ви биде слуга; како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.“ (Матеј 20, 26-28)

И навистина, во ликот и делото на Свети Наум се исполнија овие Христови зборови. Затоа, и по неговото упокојување, Христос го прими во Царството Небесно, го вброи меѓу светителите и го дарува со сила чудотворна, која и денес се пројавува и исцеление излива од неговиот свет гроб.

Нека свети Наум, Чудотворецот Охридски, застане и денес пред Бога, како што стои низ вековите, и нека заедно со сите нас, неговите верни и благодарни чеда, рече: „Еве ме, Господи, мене и чедата што ми ги даде Ти.“

И да нема крај на радоста на Небесата!

По молитвите на светиот отец наш Наум, Господи Исусе Христе Боже наш, помилуј нè!

Амин.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/19Tfdd9jfd/