Меѓународен детски летен православен камп под мотото „Учиме, твориме и на Бога се молиме“ – Струга 2024 година

Известува: Ѓорѓи Наумоски

И оваа 2024 година, како што и во 2023 година, по вторпат во автокампот „АС“ во градот Струга – градот на поезијата, се организира меѓународен детски летен православен камп со млади учесници од градот Подгорица – Црна Гора и од село Враништа, Струшко, во периодот од 15 јули до 19 јули 2024 година. Овој камп се одржува со благослов на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки и Администратор на Австралиско-сиднејската епархија, господин Тимотеј, а во целосна организација на парохискиот свештеник отец Ристе Наумоски со доброволен прилог на благочестиви верници и спонзори.

Учество зедоа Православната младина на Вранишката парохија при Дебарско-кичевската епархија, кои беа домаќини на овој голем и значаен настан кој се случува во МПЦ-ОА и Православната младина од Подгорица при Црногорско-приморската митрополија со благослов на Неговото Високопреосвештенство господин Јоаникиј. Координатор на овој настан беше теологот Сашо Ванчоски, а на вечерните предавања зеде учество и теологот Ѓорѓи Наумоски.

Низ овој петдневен Детски православен камп се посетија значајни места во Струга како што се ставропигијалниот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Калишта, параклисот „Свети апостоли Петар и Павле“ и пештерските цркви „Свети Атанасиј Велики“ и „Рождество на Пресвета Богородица“ која се наоѓа во склоп Калишкиот манастир, а исто така и селото Враништа и општината Вевчани. Четвртиот ден учесниците ги посетија светилиштата во стариот дел на градот Охрид, а покрај нив беа на посета во Национална работилница за рачна изработка на хартија и потоа во манастирот „Вознесение Христово“ – Свети Спас во село Горно Лакочереј. Предавањата за време кампувањето беа оддржани на посетените места, а главното предавање беше „Молитвата и нејзината сила“ на која тема зборуваше теологот Сашо Ванчоски. Силните впечатоци пропратени со радост, но и тага во очите на младите учесници на крајот од овој православен детски настан, покажаа дека овој камп треба сѐ уште да продолжи да се развива и да трае за возраснување во Христа Бога на овие млади души. Гостите му изразија благодарност на организаторот свештеникот Ристе Наумоски за неговите усилби за одличниот старт и завршеток на овој православен проект и благодарност за добриот пречек во Македонија и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Затоа и оваа цел е исполнета кога сите се радосни и со меѓусебна љубов во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.