Меѓународен колоквиум за свети Максим Исповедник

Во периодот од 27. до 30. април 2025 г. се одржа Шестиот меѓународен колоквиум за свети Максим Исповедник на тема “Maximus the Confessor and the Mystery of Divine Revelation” (Максим Исповедник и таинството на Божјото откровение), во организација на Институтот за философија и општествена теорија при Универзитетото во Белград, Меѓународниот центар за православни студии во Ниш и Кароли Гашпар Универзитетот на Реформираната Црква во Унгарија од Будимпешта.

Отворањето на Колоквиумот се одржа во криптата на храмот Свети Сава во Белград, при што Неговото Преосвештенство, епископот Новобрдски Иларион, викар на Неговата Светост, Српскиот патријарх Порфирије, го поздрави отпочнувањето на Собирот. Потоа, почесни воведни предавања одржаа Пол Блауерс (САД) и Торстајн Толефсен (Норвешка).

Осумте сесии на Колоквиумот се одржаа на 28. и 29. Април 2025 во просториите на Институтот за философија и општествена теорија при Универзитетото во Белград, при што учество зедоа 31 учесник, меѓу кои: Георги Каприев, Владимир Цветковиќ, Пол Гаврилјук, Микоња Кнежевиќ, Сотирис Митралексис, Дионисиос Склирис, Панајотис Павлос, Алекс Леонас и други (линк кон програмата: https://maximus.ifdt.bg.ac.rs/program/).

На Колоквиумот учество зеде о. Милан Ѓорѓевиќ, редовен професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје и свештенослужител во параклисот „Свети Архиѓакон и Првомаченик Стефан“ во Скопје. Неговото изложување на тема: „Speaking of the Inexpressible: Saint Maximus Confessor and the Problem of Discursive Articultion of Mystical Knowledge“ (Говорејќи за неискажливото: свети Максим Исповедник и проблемот на дискурзивната артикулација на мистичното познание) се одржа на 28.04.2025.

Вечерното предавање на о. Николаос Лудовикос (Грција) се одржа пред затворањето на Колоквиумот на 29.04.2025 во храмот Света Троица во Земун. Следниот ден беше организирана еднодневна екскурзија на учесниците во манастирите Манасија и Тумане.