Во присуство на Кралот на Јордан Абдула II, премиерот на Албанија Еди Рама, патријарсите Антиохиски Јован, Ерусалимски Теофил, Српски Порфириј, архиепископот Албански Јован, митрополитот Преспанско-пелагониски Петар – претставник на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, претставници на Романската Патријаршија, како и на повеќе христијански, еврејски и исламски верски водачи од Блискиот Исток и Балканот, на 9 декември 2025 година, во Јордан се одржа Меѓународната конференција „Процес од Акаба – Меѓурелигиски дијалог на Балканот“, за која известивме.
Меѓународната конференција се одржа по повод десетгодишнината од мировната иницијатива на Кралот Абдула II, на историското место каде што свети Јован Крстител го крстил Христос – во Витанија, на реката Јордан.
Работата на Конференцијата се одвиваше далеку од очите на јавноста, односно беше организирана без присуство на медиуми. Во центарот на дискусиите и говорите – во присуство и на верски водачи од исламот и јудаизмот од Балканот и Блискиот Исток – се најдоа начините за охрабрување на меѓурелигискиот дијалог со цел зачувување на мирот и безбедноста, како и зајакнување на соработката, меѓусебното разбирање и почитување. „Единството во духот на одговорноста и солидарноста претставува темел за подобра иднина на народите на Блискиот Исток и Европа“, истакнаа учесниците на средбата.
Патријарх Антиохиски Јован: Нашата Црква е првиот мост меѓу Западот и исламскиот свет
Патријархот Антиохиски г. Јован – во поздравниот говор што го упати – истакна дека самиот Бог посакува меѓу нас да царува мир:
„Мирот на земјата и радоста на човештвото во меѓусебното братство се слава за Севишниот Кој посака да живее меѓу нас и да го направи Своето Рождество прозорец, мал отвор преку кој од вечноста вмешува светлина во нашето време. Оттука тргнувам, од евангелските зборови, од благата вест што евангелистите ја ставија на почетокот на Христовиот живот“
„Нашиот земен рај е кога во лицето на ближниот и соседот гледаме нешто од милоста на Творецот на небото и земјата. Нашиот земен пекол, ако може така да се каже, е кога не го гледаме тоа лице и не го среќаваме, па затоа не ја гледаме благоста на лицето на Светиот.“
„Имаме право, во Антиохиската Црква, со смирение да се гордееме дека сме Црква на средба и сплотување. Имаме право да се гордееме дека сме првото христијанско присуство во арапскиот свет и во арапската цивилизација. Имаме право да се гордееме и со тоа што сме првиот мост меѓу Западот и исламскиот свет. Во Антиохиската Православна Црква го користиме арапскиот јазик во богослужбите и го изучуваме богословието на тој јазик, иако ги знаеме и другите. Со сето тоа сакаме да кажеме дека сме Црква на длабоки корени и традиција, но и Црква на отвореност и средба истовремено.“
Патријарх Српски Порфириј: Мирот е Божја заповед
Во своето обраќање Српскиот Патријарх Порфириј истакна:
„Собрани сме, по Божја промисла, на ова благословено место на Крштението на Исус Христос, каде што Јован Крстител го повикувал народот на обновување на срцето и на барање на тој мир што Бог го дарува. Псалм 34 ни го предава словото на животворната мудрост: ’Оддалечи се од злото и прави добро; барај мир и по него оди’. Тој повик ги обединува сите наши аврамовски преданија и открива дека стремежот кон мирот е впишан во суштината на нашето верско наследство. Овде доаѓаме токму за тоа: да го бараме мирот и правдата, и како сопатници да чекориме по патот што Бог го поставува пред нас.“
„Нашето предание сведочи дека ликот Божји е во секој човек, дека Бог е Отец на сите луѓе и дека сите луѓе се меѓусебно браќа, и со тоа ни предава заеднички етички јазик: мирот како Божји дар, правдата како светиња и грижата за оние во потреба како дело на љубов и одговорност. Таа антропологија поставува вредносен темел за образованието што го обликува карактерот и гради заедници способни за мир и меѓусебно почитување. А есхатолошката перспектива нѐ учи дека полнотата на вистината му припаѓа на Бога и на Неговото идно Царство, и дека таа свест нѐ води кон смирение, нѐ чува од триумфализам и нѐ отвора за искрен средба.“
„Знаеме дека вистинскиот мир не е нешто што човек може да го создаде само со свој труд, ниту е плод само на надворешни околности, туку, пред сè, е Божји дар што се раѓа во срцето на човек кој живее по Божјите заповеди, од кои најважна е заповедта за љубов – кон Бога и кон ближните, т.е. кон луѓето. Каде што нема љубов, таму ни мирот не може да пушти корен. Кога човек во своето срце носи омраза, завист, себичност или егоизам, тој создава немир што се шири на сите страни околу него. А кога човек се труди да љуби според Божјата заповед, тогаш тој во другиот го гледа неповторливиот брат, кој има еднакво право на живот и слобода. Тој веќе не го гледа како соперник или како пречка и закана за своето постоење и својата слобода. Со еден збор, секој човек го гледа како огледало во кое се открива мерата на неговата човечност и верност кон Бога.“
„Мирот е Божја заповед. Оттука, мирот не треба да се бара само во политичката, општествената или материјалната сигурност, туку, пред сè, во личната средба со Бога, во молитвата, покајанието и делата на љубов. Само таков мир може да стане темел на мирот во семејствата, во општеството и меѓу народите.
„Затоа, градењето мостови, односно миротворството, не е програма или проект, туку природен израз на животот на Црквата и животот на човекот што верува во Бога.“











