Митрополит Црногорско-приморски Јоаникиј на празникот на Св. Стефанида служеше во манастирот Слепче

Нивните Високопреосвештенства, Архиепископот Цетињски и Митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј од Српската Православна Црква и Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар на 7 јуни 2026 година, во Неделата на сите светии, на празникот на Третото наоѓање на главата на свети Јован Крстител и на празникот на светата преподобномаченичка Стефанида Скадарска и Битолска, во манастирот „Свети Јован Крстител“ во селото Слепче кај Демир Хисар, служеа света Литургија, во сослужение со Преосвештениот Епископ Хераклејски г. Климент и свештенството, во молитвено присуство на верниот народ.

Домаќинот, Митрополитот Петар, му упати зборови на добредојде на својот драг гостин, нагласувајќи дека Митрополитот Јоаникиј е негов пријател уште од младоста и дека неговото присуство и учество во светата Литургија, како и причестувањето од една чаша, му причинуваат голема радост, бидејќи, според зборовите на свети Климент, најголема, најсилна и најзначајна е заедничката молитва, како што вели Христос Спасителот: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас меѓу нив“.

„Има ли поголема радост од тоа, кога сето ова го правиме во заедница, во заедничарење со нашите браќа, со Неговото високопреосвештенство, Архиепископот Цетињски и Митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј? Добредојдовте и чувствувајте се како свој меѓу своите“ – рече Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар.

На поканата, љубовта и гостопримството на Владиката Петар му заблагодари Митрополитот Црногорско-приморски г. Јоаникиј, истакнувајќи ја големата радост што денес имал можност во оваа светиња заеднички да Му се моли на Бога, да сослужува на оваа Света служба, и тоа на троен празник: Сите светии, Третото наоѓање на главата на свети Јован и новозасветлената света Стефанида Скадарска и Битолска.

„Ние сме едно во нашата света вера, во Божјата љубов и во молитвата, но сме едно и во духовна и во културна смисла. Еден народ, новиот Божји Израил, една и неделива Божја Црква. Сите со своите особености, со своите јазици и обичаи, но по дух, чувство и мисла, во нашата света вера сме едно во Христа Исуса, нашиот Господ. Тоа единство низ вековите го потврдуваа светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици Климент и Наум, па сѐ до денес. Еве и света Стефанида Скадарска и Битолска нѐ поврзува. Таа нѐ поврзува и нас во Црна Гора, бидејќи често доаѓала во Острошката светиња за да им се поклони на моштите на свети Василиј Острошки и да ги слушне поуките на големиот подвижник на 20 век, преподобниот Симеон Дајбабски. Треба да се истакне дека таа, во таа смисла, сигурно била негов следбеник, но и следбеник на светиот владика Николај и на човекот со свет живот Виктор, Епископот Скадарски, кој заедно со народот избегал во Метохија.“

Владиката Јоаникиј потсети дека дел од животот на света Стефанида бил поврзан и со манастирот Дечани, а Бог така промислил и одредил својот земен крај да го дочека токму во овој крај и во оваа епархија.

Иако временската разлика меѓу свети Јован Крстител и светата преподобномаченичка Стефанида е голема, би можело да се каже дека таа била негова ученичка, следејќи ги неговите зборови: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“. Таа целиот свој живот го поминала во страв Божји, молитва, пост, покајание и смирение и, би можело да се рече, достигнала ангелски живот и стекнала многу добродетели.

„Очигледно е дека Господ ја избрал да го прими и венецот на мачеништвото, како и свети Јован Крстител, па се удостоила маченички да пострада за светата православна вера, речиси на ист начин како и Свети Јован Крстител. Како што свети Јован ја дал својата глава заради Божјата правда, разобличувајќи го безбожниот цар Ирод, така и таа, само затоа што не сакала да го изгаси своето кандило по наредба на окупаторските власти, ја положила својата глава и потврдила дека целиот свој живот го живеела за верата и за Христа Господа. И како што тоа кандило горело пред нејзините очи, така и духовното кандило, божествената светлина, очигледно светела во нејзината душа во сите денови од нејзиниот живот, а особено во моментот на нејзината блажена кончина и нејзиното мачеништво“ – рече Високопреосвештениот Архиепископ Цетињски.

Укажувајќи на големото духовно богатство што го оставила зад себе, тој нагласи дека е особено драгоцено што, ако се погледне патот на нејзиниот живот, таа ги поврзала Црна Гора, Албанија, Косово и Метохија и братската земја Македонија.

„И еве, денес имаме можност да се молиме пред нејзините свети мошти, благодарение на вашата љубов и добрина, Ваше Високопреосвештенство. Се сеќаваме кога дојдовте првпат за заеднички да служиме по помирувањето меѓу Српската Православна Црква и Македонската Православна Црква. Тоа е наша голема радост. Знаеме дека вие дадовте голем придонес во тој процес, а и ние од своја страна тоа го посакувавме и го очекувавме. И слава Му на Бога, тоа се случи, бидејќи е најприродно и најнормално заеднички да Му се молиме на Бога и заедно да се причестуваме од истата чаша“ – рече Архиепископот Цетињски и Митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј.

На крајот од Литургијата беше осветен славскиот колач, а потоа архијереите разменија пригодни подароци.

Извор: https://mitropolija.com/2026/06/07/mitropolit-joanikije-na-praznik-prepodobnomucenice-stefanide-sluzio-u-manastiru-slepce/