Митрополитот Будимски во посета на митрополијата Крушевско-демирхисарска

На покана на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован, Неговото Високопреосвештенство Митрополит Будимски и Администратор Темишварски г. Лукијан, од Српската православна црква, ја посети Крушевско-демирхисарската епархија.

Во недела, 13 октомври 2024 година Митрополитот будимски Лукијан началствуваше на светата архијерејска Литургија во соборниот храм „Свети Никола“ во Крушево, во сослужение со Митрополит крушевско-демирхисарски Јован.

Митрополитот Лукијан беседеше по читањето на Светото Евангелие, нагласувајќи го значењето на собирањето на верниот народ и учеството во тајната над тајните – Светата Евхаристија.

На крајот на светата Литургија, Митрополитот Јован во име на своето свештенство и верниот народ го поздрави Митрополитот Лукијан, посакувајќи му добредојде и препорачувајќи ја својата паства на неговите свети молитви. Во одговор, Митрополитот Лукијан му заблагодари на Митрополитот Јован за поканата и нагласи дека му е особена радост и чест посетата на Крушево и Митрополијата крушевска и демирхисарска, но и воопшто на светињите на Македонија каде се чува православната вера. Митрополитот Лукијан нагласи дека нашата православна вера е крсна, но и воскресна и дека за таа вера Митрополитот Јован храбро и достоинствено го понесе и поднесе својот крст, но го дочека и воскресението, односно единството на Црквата, што всушност е најголемиот Господов благослов. Во тоа име, Митрополитот Лукијан му препорача на верниот народ да истрае во молитвата и да го чува единството на Христовата Црква, бидејќи со тоа ќе го здобие Царството Небесно.

Истиот ден Високопреосвештениот Митрополит Лукијан го посети и манастирот „Преображение Господово“, како и манастирот „Свети Јован Златоуст“.

Претходно, Митрополитот Лукијан го посети Блаженејшиот Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква.

Извор: https://www.serbdiocese.hu/2024/10/13/poseta-mitropoliji-krushevskoj-i-demirhisarskoj/