Митрополитот Европски Пимен ја посети Агенцијата за иселеништво

На 6 февруари 2026 година Неговото Високопреосвештенство митрополитот Европски г. Пимен ја посети Агенцијата за иселеништво – известува Агенцијата на својот ФБ профил.

На средбата со директорот Горан Ангелов, Митрополитот Пимен информираше за состојбите на верскиот и духовен живот во црковните општини низ Европа. Тој извести дека Европската  Епархија е зголемена со уште две нови црковни општини во Велика Британија: „Св. Нектариј Егински“ во Рединг – во близина на Лондон, и „Св. Ѓорѓи Кратовски“ во околината на Оксфорд, како и новоформираната црковна општина „Св. Три Јерарси“ во Фулда, Германија, каде што првата света архијерејска Литургија е најавена за недела, 15 февруари 2026 година.

На средбата се разговараше за збогатување на содржините на постоечките кампови за децата на иселениците, во организација на Агенцијата за иселеништво, со верски содржини и се донесе одлука Кампот за веронаука да влезе во редовната програма на Агенцијата.

Неговото Високопреосвештенство упати покана до директорот на Агенцијата г. Горан Ангелов за присуство на одбележувањето на 20- годишниот јубилеј од  чинот на митрополитската интронизација во Шведска, во ноември 2026 година. Директорот Ангелов се заблагодари за поканата и за посетата и на Митрополитот му подари икона од Исус Христос во знак на почит и идна соработка.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1AvQziCyVM/