Митрополитот Кирил од Цариградската Патријаршија служеше во манастирот Рајчица

Во неделата на 16 / 3 ноември 2025 година, кога Црквата го празнува споменот на светиот великомаченик Георгиј, по повод возобновувањето на неговиот сечесен храм во Лида Палестинска, во манастирот „Св. Георгиј“, во Рајчица, беше отслужена Божествена Литургија, на кое со благослов на надлежниот архијереј Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, началствуваше Неговото Високопреосвештенство, митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил од Цариградската Патријаршија, во сослужение со игуменот на манастирот, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј и свештенослужителите од Бигорскиот манастир.

Митрополитот Кирил, кој пристигна со група верници во поклоничка посета, началствуваше и на повеќечасното бдение кое беше отслужено на навечерието на празникот во манастирот „Св. Јован Претеча“ – Бигорски.

На крајот од богослужбата епископот Партениј му се заблагодари на митрополитот Кирил за посетата и сослужувањето. Од своја страна, митрополитот Кирил ги пренесе поздравите од Цариградскиот Патријарх Вартоломеј и изговори беседа за празникот.

Извор: https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/vosfalenie-na-sveti-georgij-so-patrijarshiski-blagoslov/