На празникот Обрезание Господово и првиот ден од Новата година, во среда, 14 јануари 2026 година, на покана на Високопреосвештениот Митрополитот Австралиски г. Силуан од Српската Православна Црква, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, кој во моментов се наоѓа во посета на својата паства во Австралија, литургиски сослужуваше во Соборниот храм на Светиот великомаченик Георгиј во Кабрамата. Сослужуваше свештенството и свештеномонаштвото на Австралиската митрополија на Српската Црква, како и свештенство од Македонската Православна Црква и од Србија.
Со благослов на Митрополитот Силуан, литургиската беседа вдахновено ја одржа протоереј-ставрофор Вајо Јовиќ, гостин од Архиепископијата Белградско-карловачка, говорејќи за богословието на денешниот Господов празник, како и за пребогатото духовно наследство и поуките на свети Василиј Велики. На архијерејското слово и коленопреклоната молитва за претстојното ново лето Господово се придружија свештенството и верниот народ собрани на светата Литургија.
Во завршниот дел од светата Литургија, архијереите разменија меѓусебни поздравни зборови и потсетија на радосниот настан на помирувањето кој ја зацврсти меѓусебната братска христијанска љубов, заедничката молитва, а исто така ја зајакна црковната мисија, особено во дијаспората.
По Литургијата беше приредена трпеза на љубовта во црковната сала. За време на собранието, митрополитите уште еднаш упатија меѓусебни зборови за добредојде, благодарност и поздрави. Празничната и радосна атмосфера ја надополни изведбата на црковни и пригодни празнични песни. Во таа пригода беше најавено и следното заедничко богослужение на празникот Богојавление во храмот „Света Пречиста“ во Ливерпул, Австралија.


























