Во пресрет на празникот на својот небесен покровител, светиот Арсениј Сремец, вториот српски архиепископ, Карловачката богословија направи бројни подготовки во кои учествуваа сите ученици, поранешни и сегашни, бројни пријатели, служители и свештеници од епархиите на Српската Православна Црква, кои се школувале во оваа богословија.
Во навечерието на празникот свечено беше внесена житијната икона на свети Арсениј, која за потребите на училиштето ја изработи професорката по иконографија и калиграфија во Богословијата, г-ѓа Ана Милиќевиќ. Прво беше пречекан гостинoт на славата — Високопреосвештениот Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар, кој пристигна на покана на надлежниот архијереј, Високопреосвештениот Митрополит Сремски г. Василиј.
Празничното бдение, отслужено на 9 ноември, започна во Соборниот храм во 16:30 часот, а со него началствуваше Митрополитот Петар, со сослужение на свештенство од бројни епархии на Српската Црква. По бдението беше извршен водосвет во свечената сала, по што ректорот ги покани сите гости на трпеза во трпезаријата на Богословијата.
Торжеството на празникот беше збогатено со доаѓањето на Преосвештениот Епископ Осечко-пољски и Барањски г. Херувим, кој заедно со Митрополитите Петар и Василиј служеше Света Литургија на самиот ден на празникот, 10 ноември / 28 октомври, во сослужение на бројно свештенство од повеќе епархии, меѓу кои и: ректорот на богословијата – протојереј-ставрофор Јован Милановиќ, протојереј Зоран Крстиќ — ректорот на Крагуевачката богословија и претставници на сестринските богословии од Белград, Крка, Призрен и Цетиње. Светата Литургија заврши со благословување на славските дарови и празнични честитки и беседи што ги изрекоа Митрополитите Петар и Василиј.
По литургиското собрание беше приреден свечен ручек во трпезаријата на Богословијата. Свои обраќања имаа ректорот, Епископот Херувим и Митрополитот Василиј, а потоа славското дружење продолжи во гостилницата. Во 17 часот беше отслужен молебен пред моштите на Свети Арсениј, а по 18 часот започна празничната академија во свечената сала „Патријарх Георгије Бранковиќ“.
Втор ден на славата
Според востановениот ред на богословијата, во текот на вториот ден продолжи молитвеното празнување на свети Арсениј со Света Литургија во капелата на Богословијата, посветена на свети Арсениј, и со парастос за сите упокоени професори, ректори, служители, ктитори, приложници и добротвори.
Светата архиерејска Литургија и парастосот во капелата ги служеше Високопреосвештениот Митрополит Петар, со сослужение на протојерејот Дејан Крстиќ – ректор на Богословијата во Ниш, архимандритот Клеопа – професор во Богословијата, протонамесникот Даниел Кобиљски — свештеник од Бачка и годинашен кум, како и игуменот Евгениј од Раковац, митрополитскиот протоѓакон Драган Ѓорѓиевски и јероѓаконот Серафим – професор на Богословијата.
По парастосот им беа врачени пригодни подароци на Митрополитот и останатите гости. Сите се разотидоа радувајќи се на благословите на свети Арсениј – завршува известувањето на официјалната интеренет страница на Карловачката Богословија.
Историјат на Богословијата
Оваа Богословија е наследник на прочуената Карловачка богословија, која во текот на 150 години претставувала најважната установа за образование на православното свештенство во Унгарија.
Првата српска православна богословија ја основал митрополитот Стефан Стратимировиќ во 1794 година, само три години по основањето на прочуената Карловачка гимназија. Во втората половина на XIX век училиштето го достигнува својот врв под раководство на Иларион Руварац, додека меѓу позначајните професори бил Јован Живковиќ.
По укинувањето на училиштето од страна на угарските власти во 1914 година, Богословијата по Првата светска војна се сели во Белград, каде што подоцна прераснува во Богословски факултет. Во 1964 година повторно се возобновува во Сремски Карловци, носејќи го името на свети Арсениј Сремец.
Зградата и нејзиното значење
Зградата на денешната Богословија, позната како Дом на црковно-народните фондови, е подигната во 1902 година под покровителство на Патријарх Георгије Бранковиќ, по проект на архитектот Владимир Николиќ, кој оставил значаен белег во архитектурата на Сремски Карловци. Денес во овој објект се наоѓа и архивот на Српската академија на науките и уметностите (САНУ).
Свети Арсениј Сремец – ученик на Свети Сава
Свети Арсениј Сремец бил втор архиепископ српски, најодговорен ученик и наследник на свети Сава. Роден во Срем, се подвизувал во манастирот Жича и со благослов на својот учител во 1233 година бил поставен на архиепископскиот престол.
Тој ја подигнал црквата на Светите Апостоли во Пеќ, со што ја утврдил Пеќ како седиште на Српската Црква. Заедно со кралот Владислав се грижел за преносот на моштите на свети Сава од Трново во Србија. Поради болест се повлекол во 1263 година, а се упокоил три години подоцна во манастирот Црнча на Лим.
Со својот живот и дело, свети Арсениј Сремец останува пример на верност, смирение и духовна мудрост – светилник за сите кои го следат патот на Христовата вистина.























Извор: https://www.bogoslovija.rs/blog/proslavljen-sveti-arsenije-sremac—-zashtitnik-karlovachke-bogoslovije и: http://www.pppe.mk/2025/slava-na-bogoslovijata-vo-sremski-karlovtsi-praznik-na-sveti-arsenij-sremets/
