Митрополитот Петар сослужуваше со Рускиот Патријарх Кирил во Троице-Сергиевата лавра

На 8 октомври 2025 година, денот на преставувањето на преподобниот Сергиј, игуменот Радонешки, Неговата Светост, Патријархот Московски и на сета Рус Кирил, отслужи Божествена литургија во Успенскиот собор на Свето-Троицката Сергиева лавра. Му сослужуваа бројни архијереи на Руската Православна Црква, меѓу кои: митрополитот Јувеналиј (Појарков), митрополитот Воскресенски Григориј – управител на работите на Московската патријаршија и прв викар на Патријархот по град Москва, митрополитот Волоколамски Антониј – претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, митрополитот Каширски Теогност – претседател на Синодалниот оддел за манастири и монаштво; митрополитот Нижегородски и Арзамаски Георгиј, и други.

На Литургијата сослужуваа и членови на делегацијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија: митрополитот Преспанско-пелагониски Петар, епископот Велички Никола – викар на Преспанско-Пелагониската епархија и јеромонахот Атанасиј (Арсоски).

Сослужуваа и други претставници на помесните Православни Цркви: епископот Ремезијански Стефан – претставник на Српскиот Патријарх, архимандрит Серафим (Шемјатовски) – претставник на Православната Црква на Чешките Земји и Словачка и протојереј Даниил Андрејук, претставник на Православната Црква во Америка.

Празничната богослужба ја посети и Тамара Вучиќ, сопругата на претседателот на Република Србија.

Богослужбата беше пренесувана во живо на телевизиските канали „Сојуз“ и „Спас“, како и на официјалниот сајт на Руската Православна Црква – Patriarchia.ru.

Пред причестувањето проповед одржа населеникот на лаврата, јеромонах Нектариј (Соколов).

Во олтарот се одржа средба на Патријархот со делегацијата на Македонската Православна Црква.

По завршувањето на Литургијата во Успенскиот собор, Патријархот Кирил отслужи молебен пред почитуваната икона на преподобниот Сергиј Радонешки и се обрати кон верниците со своето првосвештеничко слово.

Извор: https://patriarchia.ru/article/117674