На 15 август 2025 година, кога според новиот календар се празнува Успението Богородично, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Европски г. Пимен, на покана на Високопреосвештениот архиепископ Миколско-кошицки г. Георгиј од Црквата на Чешките земји и Словачка служеше во храмот „Успение Богородично“ во градот Кошице, во Словачка, заедно со архијерејот домаќин. Им сослужуваа свештенослужители од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепоскопија, Црквата на Чешките земји и Словачка и Украинската Православна Црква.
Во својата беседа, митрополитот Пимен, повикувајќи се на примерот на нашата Пресвета Владичица, укажа на надежта на секој христијанин, кој верува дека во Христос и Неговата победа над смртта сите сме повикани кон радоста на животот што ги надминува границите на биолошкото постоење. Митрополитот, исто така, го поздрави архиепископот Георгиј и сите верници во името на Неговото Блаженство Стефан архиепископот Охридски и Македонски. Потсетувајќи на заедничкото кирило-методиевско наследство, тој на храмот му подари икона на преподобниот Наум Охридски – Чудотворец.
На крајот на богослужбата архијереите го благословија празничното коливо и славскиот колач.
















