Пишува: Катерина Дафчева
Струмичкиот Митрополит г. Наум беше во неколкудневна посета на Света Гора каде што отслужи Божествена Литургија во свештениот манастир Ксенофонт во сослужение на Високопреосветениот Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил и со игуменот на манастирот Ксенофонт, високопреподобниот Архимандрит г. Алексеј.
Митрополитот на Атос посети повеќе манастири и скитови каде оствари средби со игумените и старците на свештените киновии. Владиката порача дека Света Гора е пред сè начин на живот, а не само место на живот.
– Точно е дека Света Гора е, пред сѐ, начин на живот, а не – место на живот. Оној кој што од Бог, преку Богородица, ќе го добие дарот на „отвореното срце“ и на умно-срдечната молитва, тој ќе влезе и во Царството Небесно и во Ерусалим и на Света Гора и во света Софија Константинополска и во Римските катакомби и во чие срце е баран и каде што сака; и знае дека е одговорен за сите и за сѐ, напиша г. Наум.
Додаде дека Света Гора сепак, е и место на живот; и тоа место кое е надвор од дометот на разумот на оние што не живеат во него; затоа и надвор од можноста на таквите да им судат или, не дај Боже, да ги осудуваат оние што живеат таму; тоа место е, просто, друго ниво на постоење.
– Света Гора е и моето место; и јас сум таму свој на своето, а своето е со својот – во срцето на мојот свет Старец, под Покровот, а што е многу поважно – во нежните и љубовни прегратки на нашата Игуманија и Мајка, Пресветата Владичица Богородица и Секогашдева Марија. Затоа и нашата молитва е едноставна: Господи Исусе Христе, Богородицеју, помилуј нас!, напиша Митрополит Струмички г. Наум.













































