Митрополитот Струмички Наум сослужуваше на првата Литургија на Бугарскиот патријарх во својство на Софиски Митрополит

На 7 јули, кога според новиот календар се слави споменот на светата маченичка Недела, во митрополитскиот храм „Св. Недела“, во Софија, беше отслужена света архијерејска Литургија на која началствуваше новоизбраниот Бугарски Патријарх Даниил, првпат како Софиски Митрополит. Во оваа недела, која Бугарската православна црква ја слави и како „Недела на сите бугарски светители“, во храмот „Св. Недела“ се собраа голем број верници, монаси и светшенослужители.

На Неговата Светост му сослужуваше и Високопреосвештениот Митрополит Струмички г. Наум, заедно со архијереите од бугарската црква: Митрополитот на САД, Канада и Австралија г. Јосиф, Митрополитот Великотрновски г. Григориј, Митрополитот сливенски г. Арсениј, Епископот Мелнички г. Герасим (главен секретар на Светиот Синод на Бугарската Црква), Епископот Тивериополски г. Тихон (викар на Патријархот), Епископот Браницки г. Пахомиј (ректор на Софиската богословија), Епископите Белоградчишки г. Поликарп и Белбуждски г. Исаак, викари на Софискиот Митрополит, и голем број свештенослужители.

Во текот на Литургијата, Епископот Герасим го прочита патријаршиското и синодско послание до клирот и народот, по повод одржувањето на црковниот собор за избор на нов патријарх.

По Литургијата, Бугарскиот Патријарх го имаше своето прво архипастирско обраќање како Софиски Митрополит во кое, помеѓу останатото, истакна: „Да си ја чуваме верата, да не дозволиме во животот, во мислите, во желбите и во волјата да имаме маловерие, туку да бидеме насочени кон целта и трпеливо да го следиме патот што ни го оставиле во завештание сите светители на нашиот род“.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/parva-liturgia-na-balgarskia-patriarh-daniil-kato-sofiyski-m