Во сабота, 31 август 2024 година, со свечена евхаристиска прослава беше обележана десетгодишнината од епископската служба на Неговото Високопреосвештенство Архиепископот и Митрополит Нишки г. Арсениј од Српската православна црква.
На Високопреосвештениот Митрополит, кој чиноначалствуваше со светата Евхаристија, му сослужуваа многубројни архијереи, Високопреосвештените Митрополити: Тетовско-гостиварски г. Јосиф од Македонска православна црква – Охридска архиепископија, Вршачки и Банатски г. Никанор, Врањски г. Пахомиј, Крагуевачки и Шумадиски г. Јован, Крушевачки г. Давид, Ромулијанско-заечарски и Тимочки г. Иларион, Задарско-шибенички и Далматински г. Никодим, и Преосвештените Епископи: Ваљевски г. Исихиј, Шабачки г. Јеротеј, Западноевропски г. Јустин, Јегарски г. Нектариј, Мохачки г. Дамаскин – од Српската православна црква.
На оваа голема литургиска средба, со своето сослужување учествуваа голем број свештенство и монаштво, собрани од разни места.
На светата архиерејска литургија присуствуваше многу верен народ, со молитвено учество на највисоките претставници на градските и воените власти на градот Ниш.
Освен десетгодишнината од епископското ракополагање, овој август се одбележува и седмата година од службата на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Арсениј на древниот трон на нишките архиепископи.