На местото на Стариот суд во Струмица ќе се гради Митрополија на Струмичката Епархија

Советот на Општина Струмица денеска едногласно ја усвои Предлог – одлуката за давање на трајно користење на објектот на Стариот суд на Струмичката православна епархија со цел да се изгради Митрополија.

Градоначалникот Костадин Костадинов образложувајќи ја одлуката зад која што застанаа сите советници, рече дека со ова, струмичката епархија конечно ќе добие свој објект Митрополија.

„Ова навистина е важен момент за Струмица и важен момент за одлуките на Советот којшто верувам во духот на единството и во духот на поддршката на вистинските вредности коишто ги негува и штити Струмица, а ќе биде нескромно да не се спомне под силната закрила на Православната црква, а особено на Струмичката епархија, но мора да признаеме дека сме една од ретките Општини, една од ретките епархии коишто немаат своја Митрополија и тоа мораме да го корегираме“ – рече Костадинов.

Општината ги обезбеди заштитно-конзерваторските извештаи, изготвен е проект, како и пресметка и за рушење и за градење на Митрополијата. Според Костадинов за рушење на објектот потребни се 1.404.962 денари, а изградбата на Митрополијата согласно пресметките ќе чини 31.257.631 денари.

Струмичката православна епархија во реализирањето на проектот и изградбата на новиот објект кој ќе биде идентичен на постоечкиот, ја очекува поддршката од општествено одговорните компании и од локалните власти.

Извор: https://www.facebook.com/tiveriopol.mk