Од печат се излезени две нови изданија за деца од Македонското библиско здружение: „Библиска читанка“ и „Библиски приказни за деца“.
Библиската читанка е поделена на два дела: Стар завет и Нов завет. Taa ги опфаќа најглавните и највпечатливите библиски настани. Изданието е исполнето со богати илустрации и е со прилагоден текст за полесно разбирање на содржините од страна на децата.
Главната сижетна линија на оваа илустрирана Библија за деца започнува со создавањето на светот и со чудесните дела што Бог ги направил во животот на израилскиот народ; продолжува со Божјото ветување и со добрата вест за доаѓањето на Господ Исус Христос на земјата, а завршува со извршувањето на Неговото спасително дело.
Во книгата „Библиски приказни за деца“, библиските приказни не се подредени според редоследот во кој се наоѓаат во Библијата, туку се групирани тематски во три главни категории: „Ти“, „Ти и другите“ и „Ти и светот“. Расказите се романизирани и понекогаш содржат имиња или детали кои не се спомнуваат во библиските текстови. Целта е да се прикаже животната реалност и секојдневните предизвици со кои се соочуваат децата низ призмата на Библијата, поврзувајќи ги со искуствата на луѓето спомнати во Светото писмо. Преку ова, децата добиваат поширока перспектива, во која можат да се почувствуваат сакани, разбрани и заштитени од Бог.
Засега, овие книги може да се набават во просториите на Македонското библиско здружение, а во иднина ќе бидат достапни и ширум храмовите и манастирите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.