Официјално признавање на автокефалноста Македонската Православна Црква од страна на Православната Црква во Америка

На 2 септември 2025 година, во катедралниот храм на Православната Црква во Америка „Св. Николај Чудотворец“ во Вашингтон, САД, беше отслужена Божествена Архијерејска Литургија со која чиноначалствуваа Неговото Блаженство Митрополит Вашингтонски и Архиепископ на цела Америка и Канада г.г. Тихон и Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со многубројни архијереи, свештеници и ѓакони од неколку помесни Православни Цркви, а во молитвено присуство и на Митрополитот Американско-канадски г. Методиј.

Во текот на Литургијата, Митрополитот Тихон за првпат го спомна Архиепископот Стефан во Диптихот на Поглаварите на Православните Цркви, со што и литургиски беше потврдено признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, од страна на Православната Црква во Америка.

На многурадосниот евхаристиски принос присуствуваа и македонски свештеници, претставници на црковните управи и верен народ на нашата помесна Црква од Америка и Канада.

По Божествената Литургија Неговата Екселенција г. Зоран Попов приреди свечен прием во Македонската амбасада.

Во продолжение го пренесуваме обраќањето на Неговото Блаженство Митрополит Вашингтонски и Архиепископ на цела Америка и Канада г.г. Тихон изречено на крајот на Божествената Литургија, во која официјално го објави признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, согласно со Томосот издаден од страна на Српската Православна Црква.

Ваше Блаженство, Архиепископ Стефан,

Голема е мојата радост што Ве пречекувам во мојата претостоителска катедра во Вашингтон, и во мојот соборен храм „Светиот Никола Чудотворец“. Се молам ова историско сослужување да биде почеток на плодотворна и трајна врска меѓу нашите Цркви, по милоста на нашиот Господ, Бог и Спасител Исус Христос, со благослов на Пресветата Богородица, чија икона денес нѐ украсува, и по молитвеното застапништво на светите Апостоли и на сите вселенски светии на нашата Православна Црква.

Во таа насока, согласно Томосот што ѝ беше даруван на вашата Црква од Српската Православна Црква, моја привилегија е, како Претстоител на светата автокефална Православна Црква во Америка, од името на Светиот Синод на нашата Црква, официјално да ја признам автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Навистина, од името на сите клирици, монаси и верници на Православната Црква во Америка, ја изразувам нашата длабока радост поради обновувањето на полното општење со нашите браќа од Македонската Православна Црква, и со радост ја пречекуваме Охридската Архиепископија во семејството на помесните автокефални Цркви.

Нека Христос, нашиот вистински Бог, ни дарува сѐ поголемо единство на умот и срцето, за Неговата слава и за изградбата на Неговото царство. Нека на Вашето Блаженство и на сите клирици, монаси и верници на Македонската Православна Црква ви дарува многу благословени години.

Исто така, сакам да ја искористам оваа прилика да ги поздравам и другите членови на делегацијата на Вашето Блаженство, особено Неговото Преосвештенство Епископот Методиј на Американско-Канадската Епархија на Македонската Православна Црква; тоа е особена радост за многу од нашите парохии и заедници овде во Северна Америка, кои отсега ќе воспостават уште поблиски братски односи со парохиите и заедниците на Македонската Православна Црква, што со години се наши соседи. Нека врските на љубовта и единството меѓу нас растат и понатаму.

Голем благослов е и присуството на Неговото Преосвештенство Епископот Серафим Костајнички, Викар на Митрополитот на Среднозападната Епархија, кој овде го претставува Неговата Светост Патријархот Порфириј и Светата Српска Православна Црква. Ваше Преосвештенство, ве молиме да ја пренесете нашата длабока благодарност на Неговата Светост и на Светиот Синод за визионерскиот канонски чин со кој беше даруван Томосот за автокефалија на Македонската Православна Црква. Нека канонското општење меѓу нашите Цркви сѐ повеќе се зацврстува додека заедно го продолжуваме апостолското дело на Црквата.

Топло ги поздравувам и членовите на дипломатскиот кор, особено Неговата Екселенција, Почитуваниот Зоран Попов, Амбасадор на Република Северна Македонија во Соединетите Американски Држави, кој нѐ удостои со своето присуство денес и љубезно се погрижи за приватниот прием што ќе следи по нашето литургиско торжество.

Овде во Северна Америка, многу локални заедници на Македонската Православна Црква се наоѓаат во истите географски области на јерарсите на Православната Црква во Америка кои денес сослужуваа со нас. Особено сум благодарен за присуството на:

  • Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Мелхиседек од Питсбург и Архиепископијата на Западна Пенсилванија;
  • Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Иринеј од Отава и Архиепископијата на Канада;
  • Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Михаил од Њујорк и Њу Џерси, секретар на Светиот Синод на Православната Црква во Америка;
  • Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Даниил од Чикаго и Средниот Запад;
  • Неговото Преосвештенство Епископот Никодим од Бостон и Албанската Архиепископија на Православната Црква во Америка;
  • Неговото Преосвештенство Епископот Василиј од Сан Франциско и Западот.

Голема радост е и што примаме толку многу клирици и верници од целата Православна Црква во Америка и од нашите сестрински Цркви во овие краишта. Меѓу првите, ги поздравуваме игуменот Никодим и отец Марко од Руската православна катедрала „Св. Никола“, кои го претставуваат Неговото Преосвештенство Епископот Матеј од Сурож и Московската Патријаршија.

Ваше Блаженство,

Како израз на благодарност за нашето денешно сослужување и како знак на нашата желба да ги умножиме и зајакнеме братските врски на љубов и соработка меѓу нашите две Цркви, со радост ви подарувам мала панагија со ликот на Пресвета Богородица опкружена со неколку од нашите возљубени северноамерикански светии, како и оваа икона и овие мошти на најновата света што е прославена и впишана во календарот на светии во овие земји – Света Олга од Кветлук. Нека Пресветата Богородица, сите Северноамерикански светии, и особено Света Олга, ве водат и ве закрилуваат додека го носите тешкиот крст на претстоителската служба.

Понатаму, ве уверувам во молитвите на Светиот Синод, на монаштвото, на клирот и на сите верници на Православната Црква во Америка за Вашето Блаженство и за вашата Црква, и ве молам за вашите свети молитви за нас. А сега ве поканувам да ги удостоите оние што се собрани овде со неколку зборови на мудрост и охрабрување.

Извор: https://www.oca.org/reflections/metropolitan-tikhon/greetings-at-the-conclusion-of-liturgy-concelebration-with-archbishop-stefan-of-the-macedonian-orthodox-church