Фотографии: Бојан Стојаноски
Денес, на 28 ноември 2024 беше извршено погребението на Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј.
Утрото беше отслужена заупокоена света Литургија во црквата „Света Софија“, на која началствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужување со архијереите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Митрополитот Врањски г. Пахомиј и Епископот Хвостански г. Алексеј од Српската православна црква и Митрополитот Старозагорски г. Кипријан од Бугарската православна црква.
На Литургијата сослужуваа бројни свештеници, и учествуваа голем број верници кои пристигнаа од сите краишта на земјата за да се простат со Митрополитот Тимотеј.
По богослужбата во храмот „Света Софија“, телото на Митрополитот Тимотеј со поворка беше донесено до Плаошкиот манастир „Свети Пантелејмон и Свети Климент Охридски“, каде беше погребано до јужната апсида на храмот.
На светата Литургија присуствуваше и делегација од општината Охрид предводена од градоначалникот Кирил Пецаков. По повод упокојувањето на Владиката Тимотеј, општината Охрид денешниот ден го прогласи за Ден на жалост, така што откажани се сите културно-забавни збиднувања на територијата на Општината.
Митрополитот Тимотеј, почина завчера на 73 годишна возраст. Раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981. Како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и други одговорни задолженија, помеѓу останатото беше и портпарол на Светиот архијерејски синод.
Нека му е вечен споменот на Митрополитот Тимотеј.