На островот Крф во Грција од 25 до 27 ноември 2025 г., под покровителство на Неговото Високопреосвештенство Нектариј, Митрополит на Крф, Пакси и Дијапондиските острови и во соработка со Светиот и велик манастир Ватопед од Света Гора, беше организиран осмиот меѓународен симпозиум на IAODT (International Association of Orthodox Dogmatic Theologians), со главна тема „Символот на верата како поука на верата“.
На симпозиумот учествуваа 22 универзитетски професори од 7 различни земји, кои дадоа свој придонес на симпозиумот посветен на јубилејот 1700 години од Првиот вселенски собор во Никеја (325 г.). Радоста на учесниците беше уште поголема со тоа што имаа можност да се поклонат пред моштите на светиот ерарх Спиридон Тримитундски, кој бил учесник на Вселенскиот собор во Никеја и каде што го одбранил учењето на Црквата за верата во Света Троица. Радоста беше надополнета со тоа што, утрото на 25 ноември, денот на празнување на светата вмч. Екатерина и светиот вмч. Меркуриј, со благослов на Митрополитот Нектариј, дел од учесниците сослужуваа на светата Литургија отслужена во храмот „Свети Спиридон“, предводена од Митрополитот на Крини и патријаршиски егзарх на Малта, проф. д-р Кирил Катерелос, од Цариградската Патриајршија.
Попладнето, на 25 ноември, беше отворањето на симпозиумот, каде што поздравни говори имаа Митрополитот Нектариј, претседателот на здружението проф. д-р Порфириј Георги и претставникот од манастирот Ватопед. Претседателот на здружението, презвитер проф. д-р Порфириј Георги во поздравниот говор го изјави следново: „Се сретнуваме денес, како сведоци на православната теологија, заедно да ги прославиме 1700-те години на Првиот вселенски собор во Никеја, еден настан кој го осветли светот и продолжува да ни го осветлува животот со светлината на вистинската вера, на духовната заедница и на постојаната надеж. Во овој кризен период, кога единството на Црквата е под закана и заедницата на Телото Христово е ранета, инсистираме да останеме соединети како смирени професори и истражувачи и да ја декларираме нашата цврста вера, со единствен и неподелен глас во вистината и животот на едната и неразделна Православна Црква. Светиот Собор од Никеја го воспоставува единството на Црквата на единството на верата. Исто така, ни ги нуди суштинските стандарди и критериуми за создавање православна теологија, односно вера во Пресветата Троица, вера во божествената природа на Божјиот Син, вистинската смисла на воплотувањето на Вечното Слово, разликата помеѓу создаденото и Несоздаденото, величието и големината на спасителното дело на Христос, дарот на Светиот Дух, баптисмалната основа на светотаинското битие на Црквата, единството, соборноста, светоста и апостолството на Црквата, надежта во воскресението на мртвите и хоризонтот на вистинскиот живот во Бога во векот што ќе дојде. Верата во Никеја ни го ориентира животот и му ја дава вистинската цел и смисла“. Потоа беше отворена првата сесија на презентирања на учесниците.
Во средата, на 26-ти ноември, учесниците на симпозиумот ги посетија манастирите „Пресвета Богородица – Палеокастрица“ и манастирот „Пантократор“. Имаа можност да ја слушнат историјата на манастирите, да се поклонат пред чудотворни икони на Пресвета Богородица и мошти на светители, како и да ручаат заедно со Митрополитот на Крф. Попладнето се продолжи со презентирањето на рефератите.
На 27-ми ноември, се реализираа последните три сесии за презентирање на рефератите на учесниците, а во попладневните часови се одржа редовното генерално собрание на членовите на IAODT. Темата за следниот симпозиум е „Единството на верата и светотаинскиот живот“, тема која ќе биде дискутирана на следната средба на здружението во 2027 година.
На овој симпозиум учествуваше и презвитер доцент д-р Илче Мицевски-Игнат, в.д. декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, со реферат насловен „Актуелноста на верата во богочовечноста на Христос наспроти современиот неоаријанизам“.
На крајот на симпозиумот се донесоа заклучоци основани на сите наслови кои беа презентирани и дискутирани, кои потврдија дека верата исповедана во Никејскиот Символ на верата останува основа на православната христијанска вера и денес. Верата која ја исповедаме ни ја дава смислата и целта на нашиот живот која е Христос Богочовекот. Верата во богочовечноста на Христос не чува од современиот хуманизам кој преминува во трансхуманизам и во негирање на човековата личност и постоење како што била создадена од Бога. Остануваме верни на теологијата и на тријадологијата на свети Атанасиј Велики исповедана на Првиот вселенски собор во Никеја и на другите свети Отци кои учествувале на истиот.













