По благоволението на нашиот Бог Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, на 10 мај 2026 лето Господово, се изврши осветување на велелепниот храм „Св. Агатангел Битолски“ во Велес.
Светиот чин на осветување на храмот го изврши Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, како и на бројно свештенство на Повардарската епархија. По чинот на осветување на храмот се отслужи и првата Божествена Литургија во него.
Храмот се изгради под покровителство на Повардарска епархија, и со доброволни прилози на православните христијани од Велес и од цела Македонија, кои се запишани во книгата на ктиторите, помагателите и украсителите на овој свет православен храм.
Чинот на осветувањето на црквата молитвено го проследија многубројни верници од Велес, но и од други македонски градови, меѓу кои присутни беа и Градоначалникот на Општина Велес, г-дин Марко Колев и пратеникот во македонското Собрание, г-дин Александар Јамалов.
Фрескоживописот и иконите во црквата ги изработија зографите Велче Свеќаров и Гоце Василески од Велес, а иконостасот го изработи копаничарот Љубомир Бисинов од Велес.














































Извор: https://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=3279&Itemid=32
