Осветена црквата „Св. Наум Охридски“ во Велес

Да се радуваме бидејќи подигнавме дом Божји

10 ноември 2024 Лето Господово е денот кој Бог го благослови и го определи за осветување на велелепниот храм во Велес, посветен на светиот Охридски чудотворец, Наум. Со осветувањето на овој храм, се завршува изградбата на црковно-административниот комплекс при црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, кој се градеше десет години, а во него покрај оваа црква има уште еден параклис, посветен на светиот Гаврил Велички, како и библиотека, канцеларии, приемни простории, трпезарија, кујна и други помошни простории.

Светиот чин на осветување на храмот го изврши Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на Митрополитот  Тетовско-гостиварски г. Јосиф, игуменот на Слепченскиот манастир, отец Серафим, како и бројно свештенство на Повардарската епархија.

По чинот на осветувањето на храмот се отслужи и првата Божествена Литургија во него. На Литургијата, со слово кон многубројниот присутен народ се обрати Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Чинот на осветувањето на црквата молитвено го проследија многубројни верници од Велес, но и од други македонски градови.

Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=3065&Itemid=32