По благоволието на нашиот Бог Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, на ден 14.09.2025 Лето Господово, во велешкото село Иванковци, се изврши осветување на велелепниот храм „Света Троица“.
Светиот чин на осветување на храмот го изврши Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство на Повардарската епархија, а потоа ја отслужи и првата Божествена Литургија во него.
Храмот се изгради под покровителство на Повардарска епархија и со финансиски средства на ктиторот Грозде Илиевски и неговото семејство, како и со доброволни прилози на православните христијани од селото Иванковци и од цела Македонија, кои се запишани во книгата на ктиторите, помагателите и украсителите на овој свет православен храм. Митрополитот Агатангел во оваа прилика, го одликуваше ктиторот на храмот, г-дин Грозде Илиевски, со највисокото признание на Повардарската епархија, Орден за црковни заслуги.
Чинот на осветувањето на црквата молитвено го проследија многубројни верници од селото Иванковци, околните села, Велес, но и од други македонски градови, меѓу кои присутни беа и Градоначалникот на Општина Велес, г-дин Марко Колев и пратениците во македонското Собрание, г-дин Игор Здравковски и г-дин Александар Јамалов.
Фрескоживописот и иконите во црквата ги изработија зографите Велче Свеќаров и Гоце Василески од Велес, а иконостасот го изработи копаничарот Ванчо Чаушовски од Берово.










































Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=3182&Itemid=32
