На празникот св. Георгиј Победоносец, 6 мај 2026 година, во с. Милетино – Тетово, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф изврши осветување на новиот храм, посветен на светиот Георгиј Победоносец. После Големото осветување, беше отслужена Света Божествена Литургија.
На Божествената Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Митрополитот г. Јосиф се обрати кон присутните верници со пригодна беседа на која меѓудругото нагласи:
Денес, во овој неделен ден на воскресението, кога сè уште се поздравуваме со најрадосниот поздрав „Христос Воскресе“, ни причинува голема радост да сме со вас тука во Милетино, за да ја споделиме радоста предизвикана од осветувањето на овој новоизграден храм, посветен на светиот вмч. Георгиј Победоносец.
Со чинот на осветувањето на овој Божји дом, Тетовско-гостиварската епархија и Македонската православна црква се здобија со уште еден храм, со уште еден украс Божји, во кој секој еден верник ќе може да се моли и да се поучува во нашата православна вера.
И навистина, една од најголемите радости за една епархија и за верниот народ во неа, е осветувањето на нов храм, бидејќи изградбата на храмот, пред сè, е плод на нашата вера, на нашиот севкупен христијански подвиг, плод на нашиот заеднички, соборен и црковен труд и заложби во знак на благодарност на Бога за секоја добрина која што ни ја подарил, иако ние со ништо не сме ја заслужиле. Затоа и денес, веднаш по самиот чин на осветувањето, како и на секоја Литургија, ние свештенството заедно со вас верниот народ, повторно Му заблагодаривме на Бога, бидејќи го благослови делото на вашите вредни раце и го освети овој храм во кого ќе се собира и црквува верниот народ, соборно исповедајќи ја својата православна вера, која на македонските простори во минатото особено ја проповедал големиот Апостол Павле, светите солунски браќа Кирил и Методиј, светиот Климент и Наум. Радост ми е бидејќи токму денес, кога го прославуваме неговиот свет спомен, го осветуваме овој храм за кој добро знам дека вложивте многу љубов и жртва за денес ова да изгледа вака прекрасно.
Бог да ги благослови сите ктитори, дарители и нормално луѓето од црковниот одбор. Посетувајте го овој свет храм, но и останатите храмови, принесувајте ги Вашите молитви на светиот Георгиј Победоносец и постојано благодарете Му на Христа воскреснатиот за сè што направи нас луѓето да не избави од ропството на смртта и ѓаволот. Запомнете дека со секое влегување во храмот ние всушност влегуваме во вечноста, влегуваме во коработ на нашето спасение, каде сите ние заедно еднодушно собрани на молитва ја сочинуваме едната, света, соборна и апостолска Црква.
Нека по молитвите на светиот Георгиј Победоносец овој храм постојано биде исполнет со верен народ, кој ќе Го слави и прославува Троичниот Бог, постојано сега и секогаш и во вечни векови! Амин!
Нека е благословено и за многу години!












Извор: https://tge.mk/cv-georgij-pobedonosec-vo-s-miletino-tetovo
