Осветување на новите фрески во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Кембриџ, Канада

Пишува: Протојереј Александар Тодоровски

На 3 септември 2025 година, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан го освети новоисликаниот фрескопис во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Кембриџ, канадската провинција Онтарио. Црквата припаѓа на Американско-канадската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, чиј архиереј е Високопреосвештениот Митрополит г. Методиј.

Фрескописот е уметничко дело на реномираниот македонски иконописец г. Глигор Стефанов, кој долги години живее и твори во Канада. Тој има оставено силен печат во бројни храмови во рамките на Американско-канадската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а со своето дело и во Кембриџ го збогати духовниот и уметнички изглед на светиот храм.

На чинот на осветувањето, покрај парохискиот свештеник протојереј Гоце Деспотовски, кој е парох на оваа црква уште од нејзиното основање пред три децении, сослужуваа и свештенослужители од другите македонски црковни општини во Онтарио, како и свештеници од соседните парохии на сестринските Руска и Српска Православна Црква.

Во својот говор, Архиепископот г.г. Стефан ја истакна духовната важност на фреските како симбол на православната вера и како живо сведоштво за културното наследство на македонскиот народ. Тој нагласи дека уметничките дела не само што го красат храмот, туку и ги поврзуваат верниците со вековната традиција на Македонската православна црква.

Госпоѓа Бранкица Кузманоска Матеска, претседателка на црковниот одбор, во своето обраќање изрази особена радост што осветувањето на фреските се случува токму во годината кога се одбележуваат 30 години од осветувањето на храмот, кое се случило на 22 септември. Таа нагласи дека со ова дело се исполнува долгогодишниот сон за довршување на црквата.

Свеченоста ја збогати присуството на многубројни верници и гости од цел Онтарио, кои заедно се помолија за благослов и духовно зајакнување на македонската православна заедница во Канада.

Овој значаен настан не е само украсување на црковните ѕидови со прекрасен фрескопис, туку и сведоштво за жива вера, љубов и посветеност – потврда дека македонската духовна и културна традиција продолжува да се развива и да живее и на другиот континент.

Фотографии: г. Зоран Карапанчев