Осветување на параклисот „Покров на Пресвета Богородица“ во Гетеборг

На 25 октомври 2026 година, во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Гетеборг, Шведска, свечено беше отслужена архијерејска света Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот Европски г. Пимен. Во рамките на светата богослужба митрополитот г. Пимен го произведе во чин чтец Лазе Толески, удостојувајќи го со ова црковно послушание и одговорност во служењето на светата Црква.

Особена радост на овој свечен ден претставуваше извршувањето на чинот на водоосветување и осветувањето на новоизградениот параклис, посветен на Покровот на Пресвета Богородица. Со молитвите и благословот на архијерејот, овој свет простор се посвети за молитва, духовно прибежиште и утеха на верниот народ, кој под мајчинскиот покров на Пресветата Владичица Богородица ќе ги принесува своите молитви кон Господа.

По повод изградбата на параклисот, од страна на Европската епархија, ктиторите Марјан Матовски и Златко Ковачевски беа удостоени со благодарници, како израз на признание за нивната пожртвуваност, љубов и несебичен придонес во изградбата на ова свето место. Нивното ктиторско дело претставува сведоштво за живата вера и за грижата на македонските верници во дијаспората за зачувувањето и унапредувањето на духовниот живот, црковното наследство и православната традиција.

Свеченоста беше збогатена и со настапот на Играорното друштво „Св. Наум Охридски“ од Малме, чии изведби придонесоа за празничната атмосфера и достоинственото одбележување на овој значаен ден за црковната заедница во Гетеборг – известува Европската епархија.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/19jFZG4Z83/