Интерактивна трибина „Семејството како крст“ во Македонска Каменица

На 27 март 2026 година, во кино салата во Македонска Каменица, се одржа трибина со отворена јавна дискусија на тема: „Семејството како крст“, предводена од Епископот Делчевско-каменички г. Марко и д-р психијатар Билјана Георгиевска.

Во искрена и содржајна атмосфера, учесниците отворија прашања што ги засегаат современите семејства, меѓу кои: како да се изгради здраво семејство, како да се воспитуваат децата во вистински вредности и како да се зачува бракот во време на искушенија.

Говорниците истакнаа дека семејството не е само заеднички живот, туку подвиг исполнет со жртва и љубов, што се учи секојдневно. Беше нагласено дека семејството често се нарекува „мала црква“, бидејќи токму во него се развиваат вредности како простување, трпение, пожртвуваност и вистинска љубов.

Посебен акцент беше ставен на улогата на примерот во воспитувањето на децата. Според учесниците, децата повеќе учат од однесувањето на родителите отколку од нивните зборови. Дом исполнет со молитва, почит и мир придонесува за здрав духовен развој, додека отсуството на вера и хармонија може да остави длабоки последици.

На трибината беше истакнато и значењето на верата како темел на семејството, при што беше посочено дека таа не се сведува само на присуство во храм, туку на живо присуство во секојдневниот живот.

Во однос на бракот, говорниците нагласија дека тој претставува истовремено борба и благослов. Според нив, силниот брак не е оној без проблеми, туку оној во кој сопружниците не се откажуваат еден од друг и од духовните вредности.

Трибината заврши со порака дека силното општество се гради врз основа на силни семејства, кои се темелат на вера, смирение и љубов.