Педесетница и „МакФест“ во Торонто 

Пишува: Протојереј Александар Тодоровски

Црковната Управа при Македонскиот православен соборен храм „Св. Климент Охридски“ во Торонто го одржа Македонскиот културен фестивал „МакФест“. Почнувајќи од 21.06.2024, фестивалот траеше 3 дена, а се одвиваше во црковниот двор. Проследен со разиграна македонска музика и вкусна традиционална храна, фестивалот беше посетен од голем број Македонци од Торонто и околината. 

За забавниот музичкиот дел се погрижија Љупчо, Душко, Веле и Том,  Крис, Соња и Оливер бенд и Balkan Entertainment, а значајни беа настапите на фолклорниот ансамбл „Македонка“ и ансамблот „Здравец“ кои преку разиграниот чекор на македонските ора и танци допираат до срцата и ги будат чувствата на сите Македонци. За најмладите пак, за децата имаше детско катче со разновидни забавни игри. 

Фестивалот заврши во неделата на 24.06.2024, откако верниците најпрвин присуствуваа на празничната Литургија прославувајќи го големиот Господов празник Педесетница. По завршувањето на Литургијата, следуваше церемонија на доделување на икона и Библија на матурантите и дипломираните студенти. 

На крајот на фестивалот присутните беа поздравени од парохиските свештеници и Претседателот г. Борис Стоикос којшто се заблагодари до сите донатори и спонзори коишто го подржаа фестивалот, како и на целата Црковна Управа, Женската секција и сите волонтери коишто учествуваа во реализацијата на овој фестивал. 

Македонскиот православен соборен храм „Св. Климент Охридски“ во Торонто е духовна матица и центар на Македонската заедница во Канада, каде што преку сите друштва, организации и секции се чува националниот идентитет, јазикот, културата, обичаите, фолклорот, историјата, како придружни гранки под закрилата на црквата каде што се живее, сведочи и исповеда верата православна христијанска и се чува македонското духовно наследство.