Почна реконструкцијата на храмот „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица

По неколкумесечни подготовки почна реконструкцијата на храмот „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица. Струмичката Православна Епархија во март годинава најави дека самостојно и со помош на донации ќе ја почне со градежниот зафат, откако претходно неколкупати проектот за реконструкција на храмот беше одбиван од министерството за култура, под чија заштита се наоѓа и самиот објект.

– Неколкуте неуспешни обиди да добиеме финансиски средства од министерството за култура, под чија надлежност е грижата за самиот објект, не ни остави простор освен самите ние да го заштитиме она што е неразделив дел од сите нас. Откако не ни беа одобрени финансиски средства ниту за изработка на проект, целокупната документација за овој реконструктивно-градежен зафат ја изработи градежната компанија „Жикол“ во соработка со стручните лица од НУ Завод и музеј Струмица, давајќи ја како дар за Црквата – истакнаа тогаш од Струмичката Православна Епархија.

Црквата е стара повеќе од 100 години. Во моментов се наоѓа во лоша состојба, со распукани куполи, полуразрушена фасада, под опасност да се распадне при неповолни временски услови. Истовремено, пропусливоста на куполите веќе нанесе штета врз фреските, а коровот и мувлата запоседнуваат во и со просторот.

Во првата етапа од реконструкцијата ќе се работи надворешниот дел, а во втората етапа акцентот ќе биде ставен на ентериерното уредување на просторот, велат од Струмичката Епархија, додавајќи дека сите заинтересирани граѓани кои сакаат, може да се вклучат во кампањата за донации.

жиро сметка: 300030000110760
Комерцијална Банка АД Скопје
Цел на дознака: Донација за храмот на Св. Кирил и Методиј

За сите дополнителни информации слободно обратете се во управата на храмот на Светите Кирил и Методиј