Почна Втората меѓународна научна конференција „Литургиска теологија и монашка пракса“

На 4 септември 2026 година во манастирот Манасија, во Србија, почна Втората меѓународна научна конференција „Литургиска теологија и монашка пракса – извори, развој и преобразби, современи предизвици“, која, како што известивме, ја организираат Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследство на пустината“ од Струмица и Институтот за литургика и црковна уметност при Православниот богословски факултет на Универзитетот во Белград.

Конференцијата која ќе трае до 6 септември и на едно место собира научници, истражувачи, професори, докторанди, духовници и други учесници кои работат на теми поврзани со литургиската теологија, монаштвото, духовното и културното наследство и црковната уметност.

Свеченото отворање започна со поздравни писма од Неговата Светост Архиепископот Пеќки, митрополитот Белградско-карловачки и Патријарх Српски г. Порфириј и од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и Митрополит Скопски г. г. Стефан. Од името на организаторот поздравно обраќање упати протојереј-ставрофор проф. д-р Владимир Вукашиновиќ.

Во рамките на првиот дел од програмата беше одржано и пленарното предавање на Митрополитот Браничевски Игнатиј (Мидиќ) на тема „Есхатолошка природа на Црквата и монаштво“.

Понатаму следуваа излагањата на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј на тема: „Литургиската употреба на Светото писмо при монашкиот постриг во чинот на мала схима“, на Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски Климент на тема: „Литургијата и подвигот – траги од евхаристиското богословие и монашкиот етос во живописната програма од XIV век на западниот ѕид на зрзеската припрата“, на о. Златко Матиќ: „Аскетскиот етос и Евхаристијата во мислата на пергамскиот митрополит Јован (Зизиулас): проблеми и перспективи“, Даница Поповиќ: „Од Кареја до Студеница: пустиножителскиот идеал на Свети Сава Српски и неговото наследство“, о. Здрав Јовановиќ: „Философија по Христа како литургиски начин на живот: монашката практика во Златоустовиот спис Споредба на царот и монахот“, Катица Ќулавкова: „Монашката тема во романот Лавр на рускиот писател Евгениј Водолазкин“, о. Милан Ѓорѓевиќ: „Синтезата меѓу литургиското богословие и философијата кај Свети Никола Кавасила“, Гордана Гавриќ и Мирко Ковачевиќ: „Влијанието на Света Гора врз моравската архитектура“, о. Александар Ѓаковац: „Евхаристиското значење на љубовта како аскетски идеал кај Свети Максим Исповедник“, о. Александар Крстановски: „Содржинската структура на ракописниот црковнословенски триод од македонска редакција“, Никола Лукиќ: „Монашките правила на митрополитот Викентиј Јовановиќ-Видак од 1777 година“, Стефан Цветановски: „Литургиското и канонското обликување на манастирската самоуправа во XI и почетокот на XII век: компаративна анализа на Евергетидскиот и Вељушкиот (Струмички) типик“.