На 7 октомври 2025 година, по покана на Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Русија Кирил, во Москва пристигна делегација на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија која ја сочинуваат Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар, викарниот епископ на Преспанско-Пелагониската епархија, Неговото Преосвештенство епископот Велички Николај, и раководителот на Издавачкиот оддел на Скопската епархија, Високопреподобниот јеромонах Атанасиј (Арсоски).
Во денот на своето пристигнување во Москва, делегацијата го посети ставропигијалниот женски манастир „Покров Богородичен“, каде што, во придружба на игуменијата Теофанија (Мискина), се поклони пред моштите на блажената Матрона Московска, го посети музејот на обителта и се запозна со животот на детскиот прифатен дом што функционира во манастирот.
Вечерта на 7 октомври, членовите на делегацијата го разгледаа Храмот Христос Спасител и храмовите на ставропигијалниот женски манастир „Зачатие на св. Ана“, запознавајќи се со поставката на подземниот музеј на историјата на манастирот.
На 8 октомври, на денот на преставувањето на преподобниот Сергиј, игуменот Радонешки, чудотворец, членовите на делегацијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија сослужуваа на Божествената литургија со Патријархот Кирил, со архијереите и свештенството на Московската Патријаршија, во Успенскиот храм на Свето-Троицката Сергиева лавра. Во олтарот на храмот тие имаа разговор со Претстојателот на Руската Православна Црква. Митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар и свештенослужителите што го придружуваа се поклонија пред моштите на преподобниот Сергиј Радонешки во Лаврата и ја посетија Московската духовна академија, каде што за нив беше организирана екскурзија низ Црковно-археолошкиот кабинет.
На 9 октомври митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар и неговите придружници го посетија Андреевскиот ставропигијален машки манастир, каде што беа топло пречекани од настојателот на обителта и раководител на Постдипломските студии при Московската духовна академија, игуменот Дионисиј (Шљонов). Тој ги запозна делегатите со историјата на манастирот и неговите храмови. Гостите ја посетија и Синодската библиотека на Руската Православна Црква, која го носи името на Неговата Светост Патријарх Алексиј II, и ја разгледаа изложбата посветена на Светите Царски Страдалници – „Царското семејство. Вознесение“. Игуменот Дионисиј детално им раскажа на членовите на македонската црковна делегација за научно-богословската и издавачката дејност што се одвива под негово раководство.
Вечерта на 9 октомври, во хотелот „Покровскаја“, се одржа средба на митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар, епископот Велички Николај и јеромонахот Атанасиј (Арсоски) со заменик-генералниот директор на Поклоничкиот центар на Московската Патријаршија Ј. В. Гаљченко и со специјалистот на поклоничката служба на Центарот И. А. Рижов. На средбата беа разгледани приоритетите и перспективите за развој на соработката меѓу Руската и Македонската Православна Црква во областа на православните поклонички патувања.
Во текот на престојот на делегацијата во Москва, гостите беа придружувани од соработникот на Секретаријатот за меѓуправославни односи на Одделот за надворешни црковни врски А. Ј. Хошев.
На 10 октомври, делегацијата отпатува во Санкт Петербург.













