Полицијата го расчисти случајот пријавен од Струмичката епархија

Секторот за внатрешни работи – Струмица го расчисти случајот пријавен од Струмичка Епархија, приведен е измамник од Велес кој на интернет продаваше „молитви во тегла“ – известува Тивериопол.мк.

Струмичката во соработка со велешката полиција го пронајде измамникот кој што преку профилот „Библиска Македонија“ на социјалните мрежи измами граѓани продавајќи им „молитви во тегла“ и „црковни книги“ за кои им тврдел дека се со благослов на викарниот Епископ Стобиски г. Јаков.

– Веднаш по пријавата, полициски службеници од СВР Струмица презеле мерки за откривање на сторителите, по што, со судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица и СВР Велес извршиле претрес во домот на Д.С.(33) од Велес. При претресот се пронајдени и одземени пет мали тегли со пишан цитат од библијата и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Д.С. е лишен од слобода и со него е извршен службен разговор. На 21.05.2025 во СВР Велес била повикана и Р.С.(27) од Велес, сопруга на Д.С., со која бил извршен разговор во врска со делото. Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот, против Д.С. и Р.С. ќе биде поднесена соодветна пријава, стои во информацијата од СВР Струмица.

Во полициското соопштение се наведува дека, вчера, на 20.05.2025 во СВР Струмица, претставник на МПЦ – OA – Струмичка Eпископија пријави дека од почетокот на 2025 до 20.05.2025 на социјални мрежи се појавила фан страна со назив „Библиска Македонија“ каде се објавувале религиозни содржини, пораки и кратки исечоци од веќе објавени беседи на Владиката Јаков. Исто така, според пријавеното, на страната почнала да се врши продажба на мали тегли со по 31 стих од Библијата, како и религиозни книги кои биле претставени како да се со благослов од Владиката Јаков. Имено, за теглите пишувало и во комуникација на луѓето им било кажувано дека седеле во манастирот во Ново Село и дека биле благословени од владиката. На тој начин, луѓето се доведувани во заблуда да ги купуваат таквите работи, а дека средствата од продажбата ќе бидат употребени во донации за топол оброк за лица бездомници.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/19FNgTrWwi/