Известува: ѓакон Ѓорѓи Наумоски
Денес, на 27 август 2025 година, во просториите на Дебарско-кичевската епархија, членовите на Православната младина од Вранишката парохија беа примени од неговото Високопреосвештенство митрополитот г. Георгиј.
За време на средбата, дечињата му посакаа топло и искрено добредојде на новиот митрополит и од името на сите деца – присутни и отсутни – му подарија мал, но значаен и скромен поклон.
Митрополитот беше запознаен со досегашната работа на Вранишката парохија и изрази особено задоволство, како и подготвеност да го посети нашето село Враништа. Во своето обраќање, неговото Високопреосвештенство истакна дека младите се темелот на Црквата и на нашата татковина.
Со благословот на владиката, дечињата веќе во раните утрински часови на 29 август ќе заминат за Црна Гора, каде ќе бидат гости на Српската православна црква и ќе ја претставуваат Дебарско-кичевската епархија и Вранишката парохија.
На самиот крај од средбата, сите деца добија по една книга од најновото издание „Библиски приказни за деца“.
Од името на нашето село, од името на дечињата, нивните родители и парохискиот свештеник, на митрополитот г. Георгиј му посакуваме најтопло добредојде и плодотворно архипастирско служење.






















