Во издание на издавачката дејност „Тавор“ при Кумановско-осоговската епархија, излезе книгата „Правата на Помесните Цркви и единството на Црквата – канонски и историски истражувања за Украинското црковно прашање“ од јеромонахот Лука Григоријатски.
Во прилог, на Вашето внимание предлагаме дел од Предговорот на оваа книга:
Она што можеме да го воочиме кристално јасно во книгата „Правата на Помесните цркви и единството на Црквата“ од јеромонах Лука Григоријатски, е ревидираната теорија на Константинополската патријаршија, нејзините: интерпозиција, неоригинализам при „уставното толкување“ на каноните ‒ тенденциозна пристрастност на толкувањата и супрематските тенденции…
Константинополската патријаршија е онаа Помесна Црква што претседателствува во љубовта, и поради тоа ѝ е дадена чест да го обезбедува одржувањето на редот и на поредокот во Православието, како онаа Помесна Црква којашто има чест ‒ настанатиот проблем во некоја од Помесните православни цркви, координирачки да го произнесе на некој иден Вселенски собор (Сеправославен Собор). Спротивно, станува збор за узурпирање на правото за власт (ultra vires), и тоа со ароганција. Во случаи кога Константинополската патријаршија се поставува во улога на судија, надвор од нејзината точно дефинирана јурисдикција, тоа значи дека, таа се поставува како безгрешен судија на Вселената, и притоа унилатерално и неовластено, немајќи извор на право, ја презема функцијата од Вселенските Собори, коишто единствено имаат право, преку соборната совест на епископите, да ги детерминира догмите и да ги санкционира дисциплинските одредби.
– Митрополит Кумановско-осоговски г. д-р Григориј
Целиот предговор можете да го прочитате на: https://koe.mk/ново-издание-од-издавачката-дејност-т/
Пренесуваме и дел од предговорот од братството на Григоријанскиот Светогорски манастир:
Украинскиот црковен раскол ќе биде надминат со силата на Светиот Дух, Утешителот. Црковните проблеми секогаш наоѓале свое соборно решение, бидејќи Светиот Дух ја поучува Црквата.
Автокефалноста е привилегија која им се дава на одредени црковни области за да можат да го продолжат своето осветувачко дело, во услови кои се различни од условите на Римската (Византиска) икумена и Отоманската империја.
Автокефалноста ја дава Соборната Вселенска Црква, сеправославно, кога ќе се создадат неопходните предуслови за тоа…
Како што постојано истакнувавме при анализирањето на проблемот на нашето истражување, овие сериозни теми немаат тесно-правна природа, туку се од духовен, христолошки, еклисиолошки карактер, бидејќи ја засегаат природата на Црквата, која е Телото Христово и причесница на Светиот Дух. Со благоговејност стоиме пред ова таинство и кон него пристапуваме одврзувајќи го ременот на нашите обувки.
– Братството на манастирот Григоријат, Света Гора
