На 26 април годинава, на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, беше одржана свечена погребна служба за папата Франциск, кој почина минатата недела. Илјадници верници, црковни великодостојници и државни лидери од целиот свет дојдоа да му оддадат последна почит на водачот на Римокатоличката црква. На погребот присуствуваше и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова.
Во име на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на церемонијата присуствуваше Митрополитот Европски г. Пимен.
Во Рим пристигна и Цариградскиот патријарх г.г. Вартоломеј за да присуствува на погребот во Ватикан, а во негова придружба, помеѓу останатите се Високопреосвештениот Митрополит на Халкедонски г. Емануил и шефот на Патријаршискиот кабинет г. Аетиј.
Во Ватикан допатува и делегација од Антиохиската Патријаршија која ќе го претставува Патријархот Антиохиски и на целиот Исток г.г. Јован.
Руската црква ја претставуваше Митрополитот Волоколамски г. Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија.
Црквата на Кипар ја претставува митрополитот на Китион г. Нектариј, Црквата на Грција ја претставува митрополитот на Димитријада и Алмирос г. Игнатиј, а Црквата на Чешка и Словачка ја претставува митрополитот на Михаловце г. Георгиј.
Албанската црква ја претставува нејзиниот поглавар, Архиепископот на Тирана, Драч и на цела Албанија г.г. Јован, кој заедно со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, и членовите на Меѓурелигискиот совет на Албанија заминаа за Ватикан. Архиепископот Јован е придружуван од епископот на Круја г. Анастасиј.