Предавања на архимандритот Серафим во Австралија

За време на посетата на архимандритот Серафим во Австралија, деновиве во Сиднеј се одржаа серија духовни предавања, од кои ќе ги издвоиме предавањата на 11 ноември вторник, во салата „Карс парк“ на тема: „Што значи да се биде православен христијанин во денешниот свет?“

По предавањето беше отворена дискусија и присутните имаа можност да поставуваат прашања: за решавањето на искушенијата, за  разбирањето на депресијата и нејзиното лечење, за чувањето на умот од помислите, за тоа како се здобива Божјата благодат и како се губи, и др.

На 12 ноември среда, во салата „Илинден Рокдејл“, се одржа второто предавање на тема: „Исповед, покајание, молитва“.

Се отвори дискусија особено на прашањата: како правилно да се исповедаме, за тоа како се лечат страстите, за љубовта кон непријателите, за поединечни страсти како судење на ближните и оговарање, за гневот и како да го сочуваме мирот и др.

Според програмата предвидени се предавања и на 13 ноември, четврток, со почеток во 6:30 часот во салата „Илинден Рокдејл“, на тема: „Светата тајна брак“; и на 14 ноември, во петок во салата „Ливерпул пауер хаус“ во 7 часот, ќе се одржи предавање за химнографијата во Православна Црква: служби, акатисти, химнографски сочиненија, со посебен осврт на тропарите од Слепченскиот пролог со химнографија, создадени од сестринството на Слепченскиот Манастир, кои ќе бидат срочени во над 40 тома.