Преосветување на храмот „Св. пророк Илија“ во Радовиш

На 18 мај 2025 година, Недела 5-та на Воскресение (на Самарјанката), кога се слави споменот на св. вмч-ка Ирина Солунска, преп. Мартин и Ираклиј; се изврши преосветување на целосно реновираниот храм посветен на светиот пророк Илија во Радовиш.

Беше отслужена света архијерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, во сослужение со надлежниот архијереј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, Епископот Стобиски г. Јаков и свештенослужители на МПЦ-ОА.

На крајот од Светата Литургија, Неговото Блаженство г.г. Стефан одржа пригодна беседа. На дарителите и помагачите на реновирањето на храмот им беа доделени Благодарници од страна на Митрополитот Брегалнички г. Иларион.

Во оваа прилика, ктиторот на манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во с. Ораовица, г. Николајчо Николов, по повод 70 годишнината од раѓањето на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, му подари Митра.

Нека е честито и од Бога благословено! Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

Извор: https://www.bregalnickaeparhija.org.mk/