Претседателката на Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова, во посета на МПЦ-ОА „Раѓање на Пресвета Богородица“, од Стерлинг Хајтц

Известува: о. Горан Трпчевски

На 28 септември 2025 лето Господово, со благослов од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Американско-канадски г. Методиј, во катедралниот храм на Американско-канадската македонската православна епархија „Раѓање на Пресвета Богородица“, од Стерлинг Хајтц (Детроит Метро), Мичиген, САД, на светата Литургија отслужена од архијерејскиот заменик и намесник протојереј-ставрофор Синиша Ристовски и архијерејскиот намесник протојереј Драган Јорданов, на која молитвено присуствуваше и Митрополитот Методиј, присуствуваа и Претседателката на Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова, Министерот за надворешни работи на Македонија, г-дин Тимчо Муцунски, Амбасадорот на Македонија во САД, г-дин Зоран Попов, заедно со своите делегации.

Поздравен говор во името на Митрополитот Методиј, одржа архијерејскиот заменик и намесник протојереј-ставрофор Синиша Ристовски. Делегациите на чело со Претседателката го посетија и Неделното црковно училиште кое работи во склопот на Црквата и остварија средби со децата од истото.

Потоа присутните се упатија во црковната сала, каде се приреди свечен ручек, каде свое обраќање имаше Претседателката на Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова.