По официјална покана од Православниот богословски факултет при Универзитетот во Белград, претставници на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје, учествуваа на свечената прослава по повод празникот на свети Сава. Настанот традиционално има особено значење за духовниот и академскиот идентитет на Факултетот во Белград.
Во состав на делегацијата беа в.д. деканот проф. д-р Илче Мицевски – Игнат, в.д. продеканот проф. д-р Стефан Гоговски и проф. д-р Дарко Анев.
Во рамките на празничната програма, в.д. деканот проф. д-р Илче Мицевски – Игнат и в.д. продеканот проф. д-р Стефан Гоговски зедоа молитвено учество на сеноќното бдение, одржано во параклисот „Свети Јован Богослов“ при Православниот богословски факултет во Белград, како и на светата Божествена Литургија, која беше служена наредниот ден во храмот „Свети Сава“ во Белград, по повод празникот.
Претставниците на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје присуствуваа и на свечената академија, организирана во рамките на официјалната факултетска програма. На академијата, пригоден говор одржа в.д. деканот проф. д-р Илче Мицевски – Игнат.
Во своето обраќање, в.д. деканот се осврна на заедничките духовни и просветни темели на словенското христијанство, со посебен акцент на значењето на свети Климент Охридски како клучна личност во формирањето на словенската богословска мисла, црковната просвета и образовната традиција. Свети Климент Охридски беше истакнат како носител на широко и отворено кирило-методиевско предание, кое историски ги поврзува различните словенски црковни и културни простори.
Во тој контекст, беше нагласено дека празнувањето на светителите од словенската духовна традиција, меѓу кои и свети Сава, претставува израз на континуитетот на црковното предание и на живиот однос меѓу верата, образованието и академската заедница. Овој заеднички духовен хоризонт создава цврста основа за современото богословско сведоштво и за продлабочување на меѓуинституционалната соработка.
Целокупната прослава се одвиваше во духот на литургиско и академско заедништво, при што беше потврдено значењето на заемното почитување и соработката меѓу богословските факултети.
Присуството и активното учество на претставниците на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје претставува потврда за континуираните братски односи и за заедничката заложба за унапредување на православното богословие, црковното образование и академскиот дијалог во поширокиот православен простор.










Извор: https://pbf.edu.mk/3657-2/
