По повод почетокот на академската 2024/2025 година, на 30 септември 2024 година, во манастирот „Св. Јован Крстител“ во Капиштец, беше одржан молебен – Призив на Светиот Дух за успешен почеток на академската година. Со молебенот чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на деканот на Православниот богословски факултет проф. д-р Дејан Борисов – ѓакон, други професори од Факултетот кои се во свештенички чин, како и свештенослужители при манастирот „Св. Јован Крстител“ во Капиштец. На чинот присуствуваа проф. д-р Биљана Ангелова – Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проректорите: проф. д-р Соња Топузовска, проф. д-р Валентина Гечевска, проф. д-р Александар Скепаровски и проф. д-р Лазо Пендовски, студентите, наставниот и административниот кадар од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Присутните заеднички се помолија за просветување и успешна академска година. По завршувањето на молебенот, се обрати Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан. Во Неговото обраќање, тој побара од студентите со посветеност да пристапат кон науката што ја изучуваат и активно да учествуваат во наставата, искористувајќи ги сите ресурси што им се на располагање и поддржувајќи се еден со друг. Со отворени срца и умови, да ја започнат новата академска година и со поддршка од професорите да создадат средина во која ќе се чувствуваат мотивирано и инспирирано. Учењето да биде нивната мисија, а стекнатото знаење светлина на животниот пат.
Извор: https://pbf.edu.mk/призив-на-светиот-дух-молебен-за-усп-3