Проф. д-р Ратомир Грозданоски поканет на Универзитетот во Загреб

Професорот д-р Ратомир Грозданоски ќе одржи предавања во текот на следнава седмица на Универзитетот во Загреб.

Веќе е објавено и најавено доаѓањето на овој наш еминентен професор со статус на висок гостин и познати се неговите предавања пред академската јавност во Загреб. Ќе говори пред студентите и професорите на Факултетот за филозофија и религиски науки на тема за Верата во модерното време – предизвици, а потоа и во Центарот за проучување на односот меѓу науката и религиите насловено: Верата и знаењето.

Централното вечерното предавање на Универзитетот пред академската јавност ќе биде на Католичкиот богословски факултет со наслов: Мудроста и Премудроста Божја според свети апостол Павле.

Професорот д-р Ратомир Грозданоски ќе оствари средби со деканите и професорите на факултетите, а ќе присуствува и на културни настани во Загреб и ќе посети значајни места и културно историски обележја.

А за професорот д-р Ратомир Грозданоски, протоѓаконот и долгогодишен секретар на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква,  централно место во Загреб е и Македонската православна црква „Света Злата Мегленска“, која е од особено значење и за нив кои се таму, а и за нас што сме овде во Македонија, оти сме сите едно и заедно, вели професорот. Затоа, со благослов на Митрополитот Европски г. Пимен ќе отслужи и вечерна богослужба, а потоа ќе одржи предавање во црковната сала, на тема: Разумот и верата – маловерието според Евангелието.