Професорот Виктор Недески учествуваше на Меѓународен конгрес во Лидс

Проф. д-р Виктор Недески, продекан за меѓународна соработка на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, учествуваше на „Меѓународниот конгрес за средновековие“ (International Medieval Congress) 2026, кој се одржа од 6 до 9 јули 2026 година на Универзитетот во Лидс, Обединето Кралство.

Овој конгрес претставува еден од најзначајните светски научни собири посветени на средновековните студии, на кој секоја година учествуваат неколку илјади истражувачи од универзитети и научни институции од целиот свет.

Во рамките на Конгресот, проф. д-р Недески го презентираше научниот труд со наслов „Непрестајна молитва: временските аспекти на непрекинатото богослужење во монашката пракса на неспиечките“, во кој ја истражува богословската димензија на непрестајната молитва во монашката заедница на Акимитите. Трудот, заснован врз анализа на светоотечки и агиолошки извори и литургиски текстови, ја разгледува трансформацијата на монашкото време во непрекинат литургиски ритам како израз на христијанското сфаќање на вечноста.

Презентацијата предизвика интерес кај присутните научници и беше проследена со плодна научна дискусија, при што беа воспоставени нови академски контакти со истражувачи од областа на византологијата, патрологијата, агиологијата и средновековните студии. Воедно, учеството на Конгресот овозможи следење на најновите истражувања и методолошки пристапи во современата медиевистика, како и размена на идеи за идни меѓународни научни соработки – известува интернет страницата на Богословскиот факултет.

Учеството на проф. д-р Недески на Конгресот претставува уште една значајна меѓународна афирмација на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потврдувајќи го активното присуство на Факултетот во современите меѓународни научноистражувачки текови.

Извор: https://pbf.edu.mk/проф-д-р-виктор-недески-учествуваше-на-2/